Македонија 13-ти ден нема функционално Собрание, бидејќи нема претседател кој според Уставот е единствениот кој може да свика седница. Поради тоа, ако претседателот на Македонија Ѓорге Иванов отпатува некаде или му се случи да биде спречен да ја врши функцијата, него нема кој да го замени, бидејќи новите пратеници не се состанаа по вторпат и не избраа претседател на Собранието.
Член 82 од Уставот на РМ вели: “Во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието“. Собрание нема да има најмалку до 29 јануари оваа година, до кога му истекува рокот на мандатарот Никола Груевски за формирање на нова влада, а ако не успее во обидот, Собранието нема да може да функционира уште додатни 20 дена, колку што ќе биде рокот на наредниот мандатар да обезбеди парламентарно мнозинство од 61 пратеник и нова влада.
“Сега имаме само собраниска зграда и конституирани, регистрирани 120 пратеници. Нема претседател на Собранието. Треба да се види кој може да обезбеди мнозинство од 61 глас, кој може да предложи и да избере претседател на Собранието за да може тоа да профункционира. Ако има обезбедено Груевски, тој треба тоа да го покаже и претседателот, потпретседателите и работните тела на Собранието да се изберат. Ако не, мандатот за формирање нова влада и мнозинство Иванов треба да му го даде на лидерот на партијата која освоила втора најголем број на пратенички мандати, а тоа е во случајов Зоран Заев. Сега не може да работи Собранието“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК професорот по Уставно право Светомир Шкариќ.
Уставот е дециден и членот 66 вели: “Собранието е во постојано заседание. Собранието работи на седници. Седниците на Собранието ги свикува претседателот на Собранието“. Бидејќи Собранието не функционира во Македонија и тоа не може да се свика за прашања од неговата надлежност, за итните случаи во моментов, вели проф. Шкариќ, ќе одлучува старата влада раководена од Емил Димитриев, која функционира технички, до изборот на новата. Но, тој вели дека владата ќе одлучува само до кај што има законски ингеренции.
Првата, конститутивна седница на Собранието застана кај изборот на претседател на Собранието, работни тела и собраниски комисии и пратеничките групи. Пратеничките групи ќе го чекаат исходот од преговорите за нова влада, нема сами да го комплетираат Собранието, иако во парламентарна демократија каде законодавната власт (треба да) раководи со државата, никој не ги спречува во тоа.
Во меѓувреме, од 31. декември тече првата плата на новите пратеници кои седат дома.
С. К. ДЕЛЕВСКА