СОБРАНИЕТО ТРЕБА ДА ГИ ГЛАСА ЗАКОНИТЕ ШТО ГИ БАРАШЕ КАТИЦА ЈАНЕВА

    СОБРАНИЕТО ТРЕБА ДА ГИ ГЛАСА ЗАКОНИТЕ ШТО ГИ БАРАШЕ КАТИЦА  ЈАНЕВА

    Коста Крпач не бил причината поради која Специјалното јавно обвинителство барало измени во Законот за заштита на сведоци за да може да предлага и да бара заштита на одредени сведоци, изјавија пред три недели по контроверазната смрт на сведокот во еден од предметите на СЈО од Кабинетот на специјалната обвинителка Катица Јанева.

    Специјалното јавно обвинителство на почетокот од годината побара од Собранието да донесе измени во Законот за заштита на сведоци за да може СЈО да предлага и да бара заштита на одредени сведоци.

    Ваква иницијатива Катица Јанева последен пат испрати до Собранието и на 1 април, шест дена пред да се распушти законодавниот дом.

    И САД и ЕУ вчера ги повикаа партиите да дадат целосна поддршка на работата на Специјалното обвинителство и побараа итно повлекување на одлуката за аболиција на претседателот Иванов од 12 април. Тој потпиша помилување за 56 политичари и нивни соработници кои се можни осомничени или за нив се води предистражна постапка за кривични дела за кои е надлежно токму обвинителството на Јанева. По смртта на Крпач излезе дека претседателот за секој случај помилувал и сведоци во постапки кои би биле од интерес на СЈО.

    “Политичките партии треба недвосмислено да го поддржат Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Непреченото работење на СЈО е клучно за да се утврди одговорноста за можни злоупотреби поврзани со прислушувањата и за надминување на сегашната криза“, порачаа вчера од САД преку соопштението од амбасадата во Скопје.

    Но, Собранието кога се распушти на 6 април, не само што стави сопка на работата на Специјалното обвинителство, туку и исполни неколку клучни реформи, на кои се обврзаа политичките партии со договорот од Пржино.

    Покрај барањата за измени на Законот за заштита на сведоци, тие не ја завршија ни работата на две анкетни комисии за следење на скандалот со прислушување и за расчистување на аферата со фалсификувани лични карти. А на ги изгласаа законите за медиуми и за заштита на приватноста на свиркачите, односно укажувачите на криминал.

    Еве што се треба да изгласа повторно собраниот состав на пратениците за да може државата да продолжи со реформите, како што вчера побараа и САД и ЕУ и НАТО.

    • АНКЕТНА КОМИСИЈА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО – Со помош на белгискиот посредник Питер Ванхауте беше формирана Анкетна комисија за да се реши скандалот со прислушуваните разговори, но Комисијата досега одржа само неколку седници. За сведок беше повикан и поранешниот премиер Никола Груевски, но тој сведочеше зад затворени врати. Исто направи и министерот за финансии Зоран Ставрески, по што целосно се закочи работата на Комисијата. Пратениците не поднесоа извештај за нејзината работа.
    • АНКЕТНА КОМИСИЈА ЗА ЛИЧНИТЕ КАРТИ – Слична работа се случи и со Анкетната комисија за расчистување на аферата со личните карти. СДСМ одби да учествува во неа, со објаснување дека веќе постои една комисија да го реши скандалот.
    • ЗАКОН ЗА МЕДИУМИ – Пратениците не го донесоа Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, без кој според СДСМ, не може да има фер и демократски избори.
    • ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА НА СВЕДОЦИ – Не е донесен ниту Законот за заштита на сведоци, поднесен од Специјалното јавно обвинителство. СЈО информираше дека поднело иницијатива за измени на овој закон со кој се бара Обвинителството да добие надлежност во постапка за заштита на сведоци.
    • ЗАКОН ЗА БОМБИТЕ – Собранието требаше да ги дополни и Законите за заштита на приватноста и за свиркачите согласно  препораките што беа дел од мислењето на Венецијанската комисија.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари