СОБРАНИЕТО ВИКЕНДОВ ЌЕ ОДМАРА

    СОБРАНИЕТО ВИКЕНДОВ ЌЕ ОДМАРАПретседавачот на конститутивната седница Трајко Вељаноски го тапка по образ повредениот пратеник на Сојузот Ромите Амди Бајрам, посакувајќи му побрзо оздравување (Фото: Ѓ. Личовски)

    Иако има пријавено 50 дискутанти, сепак пратениците одлучиле викендов да не работат. Конститиутивната седница што почна на 30 декември минатата година ќе продолжи идната недела.

    Пратениците и на денешна расправа се расправаа кој имал повеќе процедурални забелешки отколку реплики, a не расправаа за тоа што е на дневен ред – избор на собраниска Комисија за избори и именувања по што треба да се избере и претседател на Собранието.

    „Денеска е петти ден, има пријавено 50 пратеници за збор, поминати се само двајца, а процедурални забелешки имаше преку 100. Ве молам да се придржувате на дневниот ред, но ваше право е да имате реплики и контрареплики“, рече претседавачот на конститутивната седница Трајко Вељаноски.

    Тој им соопшти на пратениците дека службите подготвувале  извештај која партија колку реплики, контрареплики и процедурални забелешки имала, што ќе се објави на наредната седница.

    „Кога ќе го објавиме, ќе се знае точно кој ја кочи расправата во Собранието“, рече Вељаноски.

    Новото мнозинство продолжи со обвинувањата кон претседавачот на седницата Трајко Вељаноски дека не му е местото на претседавач, дека намерно постојано го крши Деловникот и намерно ја одолговлекува расправата за да не се избере нов собраниски спикер.

    „Бидејќи ја злоупотребувате говорницата, барам од вас да ја оставите на мир Тирана. Ако платформата за којашто зборувате беше тиранска, преговорите немаше да ги водите со политичките партии на Албанците во Македонија, туку со официјална Тирана“, одговори пратеникот Ејуп Алими, на упорните инсистирања на постоењето на тиранската платформа од  пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

    Тој, како и другите пратеници од албанските партии, потенцираше дека декларацијата е направена во Македонија и побара и другите партии уште еднаш да кажат дека декларацијата е домашна.

    „Јас не сум во парламентот на Албанија, туку во македонскиот парламент“, рече Алими.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира