На просторот каде требаше да биде карго аеродромот во Штип ќе се прави соларен парк за производство на струја. Станува збор за директна француска гринфилд инвестиција на компанијата „Акио Енерџи“. Како што кажа премиерот Зоран Заев, соларниот парк „Стипион“ ќе биде еден од најголемите во Европа со капацитет за производство на електрична енергија од 360 до 400 мегавати.
„Компанијата ‘Акио Енерџи‘ со изградба на соларниот Парк ‘Стипион‘, како и германската ‘Ви-Пи-Ди‘ која вложува во новиот ветерен парк ‘Вирови‘, ќе дадат нов стимул на нашата економија, со ангажирање на домашна работна сила, млади кадри кои својата иднина ја гледаат во ваквите современи компании. Оваа Влада како ниедна досега вложува во енергетиката и направи амбиент за инвестиции во обновливи извори на енергија и користење на природните ресурси, сонцето, ветерот и водата за производство на електрична енергија. Вложувањето во енергетиката над 30 години беше занемарено, а инвестициите сведени на минимум“, рече Заев.
Амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер кажа дека ова е најголемата француска инвестиција во земјата во последните петнаесетина години и додаде дека десетина француски компании, секоја од нив меѓународно позната, во моментот работат на своето позиционирање на македонскиот пазар.
„Овој соларен парк ќе биде најголемиот кој досега е изграден во овој регион од Западниот Балкан. Оваа инвестиција исто така има големо стратешко значење, бидејќи ќе придонесе да се зајакне енергетската независност на Северна Македонија, истовремено помагајќи ѝ на земјата да го изоди својот амбициозен европски пат за намалување на емисиите на јаглероден диоксид“, рече амбасадорот Бомгартнер.
Ерик Ското, претседател на компанијата „Акио Енерџи“ од Франција кажа дека проценетата инвестиција се очекува да биде околу 270 милиони евра.