СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ УНАПРЕДУВАШЕ КАНДИДАТИ БЕЗ ОБРАЗЛОЖЕНИЕ, ВО ВИШО СКОПСКО ОБВИНИТЕЛСТВО ИЗБРАНА СЕСТРАТА НА ТУПАНЧЕСКИ

    СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ УНАПРЕДУВАШЕ КАНДИДАТИ БЕЗ ОБРАЗЛОЖЕНИЕ, ВО ВИШО СКОПСКО ОБВИНИТЕЛСТВО ИЗБРАНА СЕСТРАТА НА ТУПАНЧЕСКИСестрата на Тупанчески во биографијата навела и дека работела советник во Владата, како и советник во кабинетот на премиер. - Денешната седница на Советот на јавни обвинители (Фото:СДК.МК)

    Советот на јавни обвинители на денешната седница ги избра за во најпосакуваното, Вишото јавно обвинителство (ВЈО) на Скопје, Наташа Гоџовска, сестра на ексминистерот за правда Никола Тупанчески, и поранешниот обвинител од СЈО Артан Ајро, кој веќе беше унапреден во обвинител за организиран криминал.

    Место нив, отпаднаа обвинителите со сложени предмети: Дарко Јакимовски, Ленче Ристоска, Љубомир Лапе, Наташа Сарамандова и други, кои ниту еднаш не можат да дојдат до унапредување.

    Членовите на Советот на јавни обвинители денеска не се ни обидоа да сокријат дека изборот им е од претходно договорен. Беа избројани рекордни гласови „воздржан“.

    Место да гласаат „за“ или „против“, па да победат тие кои имале најмногу „за“, членовите на Советот најчесто се изјаснуваа за воздржани.

    Покрај тоа, тие за ниту еден избран кандидат, повторно не дадоа образложение зошто го гласаат баш него или неа. Не кажаа ни што им фали на останатите, кога за сите рекоа дека биле позитивно оценети.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто масовно се гласаше со „воздржан“ кај тие кандидати што беа заобиколени во унапредувањето, кога членовите на Советот на јавни обвинители како функционери платени од пари на граѓаните се обврзани да аргументираат зошто за некој обвинител гласаат ли не, па ете дури и ако гласаат воздржано, претседателот Антонио Јолевски кажа дека со тоа „против“, лоша порака се праќало до обвинителите.

    „Кога имате повеќе кандидати, а треба да се унапредат двајца, а притоа сите кандидати се добри, а одлучуваат нијанси, за останатите што не го даваме гласот, кажуваме дека гласаме воздржано. Лоша порака праќаме кога за кандидат се изјаснуваме ‘против’, бидејќи за никого немаме против лично“, рече Јолевски.

    Јавноста повторно остана ускратена од образложение зошто членовите некаде ја дадоа поддршката, а кај други не.

    Сестрата на Тупанчески во биографијата навела и дека работела советник во Владата, како и советник во кабинетот на премиер. Не кажува кој период било тоа, но избрана за обвинител била во 2013 година, а претходно три години слушала предавање на Академијата за судии и јавни обвинители.

    Зоран Марковски од ВЈО Куманово од втората генерација на Академијата, извиси повторно.

    За Лапе и Ристоска пред гласањето само државниот обвинител Љубомир Јовески кажа дека од обвинителствата во Куманово и Скопје добиле одговор дека не биле на работа таму, но дека  довршувале предмети од СЈО по делегирање од него како државен обвинител. Тој кажа дека Лапе деновиве повел истрага за многу сериозен  предмет, а Ристоска водеше сериозен предмет околу бегство на лице (Мијалков, н.з.) дополнително. Но, и дека пред да отиде на породилно отсуство, подолг период работеше во Еуроправда.

    Наталија Тасевска од ВЈО Скопје, Елвин Вели од ВЈО Скопје, Валентина Стојановска од ВЈО Скопје, суспендираната бивша шефица на Организиран криминал Вилма Русковска сега од ОЈО Скопје, Даница Монева од ВЈО Штип, доктор на науки на тема перење пари и Златко Биковски од ОЈО Берово, беа кандидати за во највисокото, Републичкото јавно обвинителство.

    Беа избрани Наталија Тасевска и Елвин Вели, но јавноста не дозна зошто баш тие, што сработеле и со што заслужиле.

    На огласот пак за 4 места за обвинители во ОЈО за организиран криминал и корупција, се пријавиле обвинителите: Милица Гаврилова од ОЈО за организиран криминал, Газменд Мехмети од ОЈО Куманово, Елизабета Јосифовска од поранешното СЈО, времено упатена во Организиран, потоа Александар Марковски од ОЈО Скопје, со повеќе научни трудови од областа на кривичното право и Владимир Милошевски, Оливера Проевска од ОЈО Охрид и Верица Бржетска-Крстева од ОЈО Скопје.

    Без образложение, Милица Гаврилова, Оливера Проевска и Верица Бржетска-Крстева беа избрани за обвинителки за организиран криминал.

    Елизабета Јосифовска беше единствен кандидат на вториот оглас за кој се пријавила, за шефица на Основно јавно обвинителство на Гостивар. Таа беше едногласно избрана. Не беше кажано дали и колку сложени предмети сработела и добила на суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира