„Специјална Олимпијада Македонија“денес ја претстави програмата „Млади атлети“ и придобивките за децата со и без интелектуална попреченост, преку демонстрација на стекнатите искуства на групите од Скопје и Тетово, каде оваа програма се спроведуваше изминатите четири месеци.
„Општеството кое не ги согледува можностите на лицата со попреченост, само ги создава пречките и ги стимулира предрасудите. Токму затоа, неопходно е да се отвориме кон овие лица и да ги охрабриме да се вклучат во сите сфери на живеење, а спортот е една од можностите кои ние ги нудиме. Инклузијата почнува од најмалите години. ‘Младите атлети’ се тие кои ќе ја водат инклузијата во Македонија “, вели Ана Петровска, Национален директор на „Специјална олимпијада Македонија“.
„Млади Атлети“ е иновативна спортско – забавна програма наменета за деца со и без интелектуална попреченост на возраст од 2 до 9 години, чиј фокус е развој на моторичките способности преку спортот, и социјалните и когнитивните способности, преку игра и забава. „Специјална Олимпијада Македонија“ веќе две години успешно ја спроведува со неколку групи деца, а сега има за цел да ја вклучи и во инклузивните училишта во земјата.
Програмата „Млади атлети“ е дел од еднодневната конференција „Спортуваме заедно за среќно детство“, што се спроведува со поддршка од Европската унија и УНИЦЕФ.