Фотографирање не било предвидено според договорениот протокол за вчерашната неформална средба на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, соопшти Кабинетот на Претседателката, откако вчера беа испратени официјални фотографии на кои таа и Радев се фотографирани на официјалното место каде покрај бугарското и знамето на Европската унија не е истакнато и македонското знаме.
Само бугарско и знаме на ЕУ има и на фотографијата од вчерашната средба во бугарското Министерство за култура на министерот Зоран Љутов со бугарскиот колега Најден Тодоров, во рамките на истата посета на Софија.
„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“, соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Од Кабинетот велат дека претседателката, као гест на културна дипломатија прифатила да присуствува на настапот на македонската Национална опера и балет (НОБ) во Софија со „Набуко“, откако на Мајските оперски вечери во Скопје била воодушевена од настапот на Бугарската опера со „Валкира“. Таа вчера беше во Софија заедно со министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков.
По тој повод, била договорена лична средба со претседателот Радев, ручек на македонските и бугарските претставници, како и заедничко присуство на операта „Набуко“. Но, Радев со сопругата се извиниле дека не можат да дојдат на преставата поради авионската несреќа во која вчера загинаа двајца бугарски воени пилоти во воздухопловната база Граф Игнатиево.