СРЕДА, 15 ЈУЛИ, Е НЕРАБОТЕН ДЕН, РОДИТЕЛИТЕ НА ДЕЦА ДО 10 ГОДИНИ КОИ ОДЕЛЕ ВО УЧИЛИШТЕ ДА СЕ ВРАТАТ НА РАБОТА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    СРЕДА, 15 ЈУЛИ, Е НЕРАБОТЕН ДЕН, РОДИТЕЛИТЕ НА ДЕЦА ДО 10 ГОДИНИ КОИ ОДЕЛЕ ВО УЧИЛИШТЕ ДА СЕ ВРАТАТ НА РАБОТА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТАПо препорака на Комисијата за заразни болести, на работа треба да се вратат родителите на деца до 10 години кои оделе во училиште, со оглед дека учебната година е завршена и во тек е летниот распуст. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Среда, 15 јули, ќе биде неработен ден заради одржување на предвремените парламентрани избори. Владата на денешната седница го прогласи 15 јули за неработен ден за да може непречено да се спроведе изборниот процес и денот нема да се одработува.

    По препорака на Комисијата за заразни болести, на работа треба да се вратат родителите на деца до 10 години кои оделе во училиште, со оглед дека учебната година е завршена и во тек е летниот распуст.

    „Дополнително, институциите кои за време на претстојните предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија имаат зголемен обем на работа во делокругот на нивната надлежност поврзана со изборниот процес, како на пример Основниот и Вишиот управен суд, Државната изборна комисија и други, да ги вратат во редовен работен процес вработените лица во овие институции кои по различни основи се опфатени и ослободени од работни активности со мерките и препораките на Владата со  цел непречено извршување на редовните законски надлежности поврзани со активностите во изборниот период“, се вели во соопштението на Владата.

    На денешната седница, Владата го утврди Протоколот за работа на Дневните центри за деца и лица со попреченост во услови на епидемија на заразната болест КОВИД-19.

    На оваа седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за поттикнување на безготовинските плаќања кај единиците на локалната самоуправа, и донесе заклучок на сите единици на локалната самоуправа кои досега немаат воведено ПОС терминали за наплата на општинските услуги, да ја воведат оваа опција за плаќање на нивните услуги најдоцна во рок од 1 година од денот на усвојување на оваа информација. Со заклучоците на Владата уште им се препорачува на општините кои користат ПОС терминали за наплата на нивните услуги, да го прошират видот на услугите кои може да се платат безготовински.

    Овие предлог мерки на Министерството за финансии, во соработка со Народната банка, за стимулирање на безготовинските и дигиталните плаќања имаат за цел да го трасираат патот кон безготовинско и современо општество, со што се придонесува кон одржување на стабилна економија, финансиска стабилност и здрав, продуктивен, банкарски систем.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира