СРЃАН КЕРИМ И ГОРАН ПЕТРЕСКИ СЕ ВИНОВНИ ЗА ЗГАСНУВАЊЕТО НА „ВЕСТ“, ВЕЛАТ НОВИНАРИТЕ ОД ВЕСНИКОТ

    СРЃАН КЕРИМ И ГОРАН ПЕТРЕСКИ СЕ ВИНОВНИ ЗА ЗГАСНУВАЊЕТО НА „ВЕСТ“, ВЕЛАТ НОВИНАРИТЕ ОД ВЕСНИКОТНовинарите на дневниот весник „Вест“ денеска на пладне протестно излегоа пред влезот на компанијата Медиа Принт Македонија, по одлуката на компанијата да го згасне печатеното издание. (Фото: СДК.МК)

    По 17 години од основањето, утре излегува последниот број на „Вест“ и виновни за згаснување на некогаш најтиражниот дневен весник се менаџментот и новиот уреднички колегиум, велат новинарите од весникот. Поранешниот кандидат за генерален секретар на ОН, Срѓан Керим, е еден од сопствениците на МПМ, издавачот на „Вест“, а главен уредник во последните година и два месеца беше Горан Петрески, кој дојде од МРТВ.

    По одлуката на компанијата да ги згасне печатените изданија, од брендот „Вест“ ќе остане само портал, во кој ќе работат пет вработени, а другите вработени во „Вест“, новинари и новинарски работници остануваат под стечај.

    „Причината зошто ‘Вест’ пропаѓа, според официјалното објаснување од менаџментот на МПМ е дека последната година и два месеци не бил покажани солидни резултати во работењето. Сметаме дека за лошите резултати не сме ние новинарите виновни, туку менаџментот и новиот уредувачки колегиум, кој беше донесен во весникот. Им благодарам на сите граѓани кои изминатите нè читаа и мислеа слободно, како што беше паролата на Вест“, рече Ана Антевска, новинар во „Вест“.

    Новинарите на „Вест“ денеска излегоа на протест пред канцелариите на МПМ, а поддршка на новинарите од весникот им дадоа и други колеги кои претходно работеа во овие медиуми, а дел од новинарите носеа и пластични шишиња во кои собираа пари, алудирајќи на аферата со 750-те илјади евра во шише најдени кај шоферот на Керим на унгарската граница.  

    Компанијата „Графички центар“, која е сопственик на Медиа Принт Македонија (МПМ), издавач на весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, „Теа модерна“ и порталот „Телеграф“, во Основниот суд Скопје 2 почна претстечајна постапка, а за стечаен управник е назначен Симон Михајловски од Скопје. По велигденските празници, на сајтот на Агенцијата за вработување беше објавен оглас во кој се бараат 55 новинари, за ангажман на определено време од 6 месеци и плата од 20 илјади денари од компанијата „Медиа Принт ДООЕЛ – Скопје“, регистрирана на адреса на еден од менаџерите во „Медиа Принт Македонија“ (МПМ), Александар Динев. Огласот траеше неколку дена, а од МПМ им препорачаа на новинарите и останатиет вработени да се пријават на огласот.

    „Фирмата МПМ ќе оди под стечај. Во моментов има вкупно 230 вработени новинари, новинарски работници, технички служби. Од нив во новата фирма ќе одат само 113 вработени. Бројот на вработени се намалува за 50 отсто“, рече Антевска.

    М. Илиоски

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира