СТАВОТ НА БУГАРИЈА Е НАВРЕДЛИВ ЗА МАКЕДОНЦИТЕ, КАЖА ЗАЕВ ПО ВЕТОТО ЗА СТАРТ НА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ

    СТАВОТ НА БУГАРИЈА Е НАВРЕДЛИВ ЗА МАКЕДОНЦИТЕ, КАЖА ЗАЕВ ПО ВЕТОТО ЗА СТАРТ НА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУЗаев смета дека Бугарија го прекршила Договорот за добрососедство и пријателство и не собрала сила да се однесува европски. (Фото: Влада)

    Бугарија испорача гест кој не покажува ниту пријателство ниту братство, кажа премиерот Зоран Заев во видеообраќање по ветото за почеток на пристапните преговори на земјава со Европската унија. Заев смета дека Бугарија го прекршила Договорот за добрососедство и пријателство и не собрала сила да се однесува европски.

    „Ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ. Во 21 век, не е европски, ниту демократски, да му кажете на друг како да се чувствува, како да се самоопределува. Не е европски да му ја пишувате историјата на друг народ. Да му наметнувате идентитет на друг народ и да го убедувате дека треба да го прифати. За Северна Македонија, за македонскиот народ и за сите граѓани на нашата земја не се прифатливи овие услови. Не дозволивме да се чепка во достоинството на македонскиот идентитет и во столбовите на идентитетот, а тоа се македонскиот народ и македонскиот јазик. Нема да дозволиме ниту антифашистичкиот идентитет на нашата земја да биде загрозен и да биде доведен во прашање.Темелите на нашата државност се во антифашизмот на АСНОМ, како што темелите на нашиот идентитет се во македонскиот народ и македонскиот јазик“, вели Заев во обраќањето.

    Со блокадата од Бугарија запрен е процесот на проширување на Европската унија, за што Заев вели дека е неодговорна и тешка геостратешка грешка, а нашите меѓународни пријатели и сојузници не ја премолчуваат оваа грешка.

    „Нашата совест е чиста. Се надеваме дека штетата што е предизвикана од ова неоправдано вето за европската интеграција на регионот и за европските вредности ќе може да се надомести бргу“, вели Заев и додава дека единствени кои навиваа Македонија да не добие почеток на преговорите се ВМРО-ДПМНЕ., кои шират немири, лаги и говор на омраза.

    Заев вели дека блокадата нема да ја втурнат земјата во омраза кон Европа, во неизвесности, конфликти и во омраза кон нашите соседи и повторување на сценариото после ветото во Букурешт во 2008 година, кога Грција го блокираше нашето влегување во НАТО.

    „Ние немаме потреба од националистички занес или од удирање во гради, што служи само за домашна потреба. Ние остануваме посветени на барањето решение со соседна Бугарија. Тоа ќе биде решение кое гарантира почеток на преговори со ЕУ, а никако не задира во македонскиот идентитет“, рече Заев.

    Бугарија вчера не ја одобри преговарачката рамка за Македонија на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и на тој начин не дозволи да се одржи првата меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира