СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ САМ СЕ ПРИЈАВИЛ ВО ЗАТВОР, КАЖА НЕГОВАТА ПАРТИЈА ГРОМ, ТРЕБА ДА ОДЛЕЖИ 7 МЕСЕЦИ

    СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ САМ СЕ ПРИЈАВИЛ ВО ЗАТВОР, КАЖА НЕГОВАТА ПАРТИЈА ГРОМ, ТРЕБА ДА ОДЛЕЖИ 7 МЕСЕЦИЈакимовски е осуден е за изградба на бараките во скопското основно училиште „Лазо Трповски“ каде беше сместена општинската администрација до пуштањето на употреба на новата општинска зграда. (Фото: СДК.МК)

    Ексградоначалникот на Општина Карпош и претседател на партијата ГРОМ Стевчо Јакимовски од денеска доброволно се пријавил во затворот во Шуто Оризари на издржување на едногодишната затворската казна. Како што соопштија од ГРОМ, Јакимовски доброволно дошол во затворот.

    Јакимовски требаше да почне да ја издржува затворската казна од 2 јули, но побара одложување поради здравствени причини. На барањата за проверка за моменталната здравствена состојба на Јакимовски, лекарите од двете приватни здравствени институции што тој ги навел, не му одговараа на Судот.

    Од партијата велат дека Судот не ја зел предвид неговата здравствена состојба и го одбил барањето за одложување на казната.

    „Не земајќи ја во предвид неговата здравствена состојба дека тој е онколошки неизлечен пациент, оперативниот зафат извршен пред 12 дена само ја покажува нечовечноста, нехуманоста и флагрантно кршење на човековите права“, велат од ГРОМ.

    Кривичниот суд Скопје на 9 јуни му издаде упатен акт за издржување на казната затвор на осудениот Јакимовски, кому Апелациониот суд му ја потврди едногодишната затворска казна за бесправно градење, од која 5 месеци веќе му се одлежани во куќен притвор. Јакимовски в затвор треба да одлежи уште 7 месeци.

    Осуден е за изградба на бараките во скопското основно училиште „Лазо Трповски“ каде беше сместена општинската администрација до пуштањето на употреба на новата општинска зграда.

    Јакимовски на 9 јуни на прес-конференција пред бараките за кои е осуден, кажа дека во оваа ситуација е виновен за да биде спречен да се кандидира на повторните избори за градоначалник на Општина Карпош.

    „Знам дека судиите работат под притисок и очекувам дека Врховниот суд ќе ја отфрли оваа политичка пресуда. Ова е доказ дека ние имаме диктаторски режим којшто се пресметува со своите. Сакам да му порачам на премиерот Мицкоски следново ‘кој си игра со меч, од меч ќе загине’“, рече Јакимовски на 9 јуни.

    Јакимовски има уште еден судски процес во Кривичниот суд.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира