СТОИМЕ НА РАСПОЛАГАЊЕ СО ЦЕЛИОТ ИНТЕЛЕКТУАЛЕН И ЧОВЕЧКИ КАПАЦИТЕТ ДА ПОМОГНЕМЕ, ОВА НЕ Е ВРЕМЕ НА ПОЛИТИЧКИ ПРЕСМЕТКИ, КАЖА ЛИДЕРОТ НА СДСМ ВЕНКО ФИЛИПЧЕ

    СТОИМЕ НА РАСПОЛАГАЊЕ СО ЦЕЛИОТ ИНТЕЛЕКТУАЛЕН И ЧОВЕЧКИ КАПАЦИТЕТ ДА ПОМОГНЕМЕ, ОВА НЕ Е ВРЕМЕ НА ПОЛИТИЧКИ ПРЕСМЕТКИ, КАЖА ЛИДЕРОТ НА СДСМ ВЕНКО ФИЛИПЧЕЛично ги знам колегите, кои прават се да ги спасат животите на вашите деца. Тие се во добри раце“, им се обрати лекарот Филипче на семејствата на тешкоповредените млади луѓе (Фото:Скриншот фејсбук)

    Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз Венко Филипче денеска го понуди целиот личен и капацитетот на партијата да помогне во справувањето со спасувањето животи и со болката на целиот народ, но и во наоѓањето на одговорните лица, по катастрофалниот пожар во импровизираната дискотека во Кочани, каде изгореа или беа згмечени во стампедо 59 млади лица и деца.

    „Ние сме одговорна и државотворна партија. Излегуваме во пресрет на сите иницијативи коишто водат на расчистување на случајот и идентификување на причините за катастрофалниот пожар во кој загинаа 59 млади животи. Истовремено, како партија го нудиме целиот наш капацитет, човечки и интелектуален, да помогнеме во овој процес. Затоа што ова е ситуација во која мораме да бидеме сплотени и да покажеме верба во принципите“, побара Филипче.

    Тој кажа дека не е време за политички пресметки. Им се обрати на семејствата на загинатите со сочувство, но и на фамилиите на хоспитализираните младинци и деца, тешкоповредени во катастрофалноиот пожар на 16 март во кочанската дискотека „Пулс“, со уверување дека нивните деца се во добри и вредни раце.

    „Бев присутен на Клиниката, разговарав со дел од семејствата кои што имаат свои најблиски на лекување. Разговарав и со колегите, направивме и некои стручни консултации. Ги видов напорите на колегите, видов како и тие сочувствуваат со болката на семејствата. Сакам да ги уверам семејствата дека пациентите се одлично згрижени, одлично распределени. Лично ги знам сите коишто учествуваат во овој процес на лекување, лично ја знам нивната експертиза и сакам да ги уверам семејствата дека нивните најблиски се во добри раце и дека колегите се борат за секој еден живот“, се обрати Филипче на семејствата на тешкоповредените.

    Рече дека сега е потребна итна психолошка поддршка со семејствата на загинатите и на семејствата на тешкоповредените деца , апелираше министерот Арбен Таравари да  формира мобилни тимови.

    „Почитувани граѓани, ние денеска сме рането општество. Довербата во институциите е срозена и ако сакаме да ја вратиме, мора да има целосна, транспарентна и објективна истрага. Никој не смее да биде поштеден, ниту актуелни, ниту поранешни функционери и службеници и тоа не е прашање на политика, тоа е прашање на вистина и на правда. Трагедијата е преголема за да се дозволи сенка на сомнеж. Затоа што ако постои и најмала индиција дека некој се штити, тоа ќе биде удар на целото општество“, рече Филипче и побара постојано информирање од надлежните во денот, за да се спречат шпекулации.

    Тој побара единство.

    „Потребно е единство. Ова не е време за политички пресметки. Треба да покажеме човечност, а јас ви ветувам дека нема да дозволам политизирање на целиот овој процес исто како што нема да дозволиме некој да биде поштеден. Како опозиција, будно ќе следиме овој процес да оди во правилна насока.

    Филипче кажа дека секој акт на морална одговорност од страна на СДСМ ќе биде поздравен.

    Засега морална одговорност чувствува само градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов, кој по 24-часовното прозивање од јавноста, денеска со објава на фејсбук си поднесе оставка од функцијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира