СТОЈАНЧЕ РИБАРЕВ СИ ДАДЕ ОСТАВКА ОД В. Д. ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КРИВИЧНИОТ СУД

    СТОЈАНЧЕ РИБАРЕВ СИ ДАДЕ ОСТАВКА ОД В. Д. ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КРИВИЧНИОТ СУДВ.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1 Стојанче Рибарев вчера си поднел оставка на ова место, со барање Судскиот совет да го разреши и тој да се врати назад во Врховниот суд како граѓански судија

    Судскиот совет потврди дека в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1 Стојанче Рибарев вчера си поднел оставка на ова место, со барање Советот да го разреши и тој да се врати назад во Врховниот суд како граѓански судија на местото од кај што дојде.

    „В.д. претседателот на Основен суд Скопје 1 Стојанче Рибарев на 20.10.2017 година до Судскиот совет на Република Македонија достави писмено известување дека од тој ден се наоѓа на отворено боледување и дека негова замена ќе биде судијата Диана Груевска Илиевска. На 25.10.2017 година Рибарев до Судскиот совет достави писмено известување дека поднесува оставка на функцијата в.д. претседател на Кривичниот суд и по неговото разрешување да продолжи да ја извршува функцијата судија на Врховниот суд. Според наводите во известувањето, причините за поднесувањето на оставката се од лична природа“, соопшти Судскиот совет.

    Судскиот совет во најкраток можен рок ќе закаже и одржи седница и ќе одлучува во рамките на своите законски надлежности.

    САКАМДАКАЖАМ.МК синоќа објави дека Рибарев побарал од Судскиот совет да биде разрешен од в.д. претседателското место во Основниот суд Скопје 1, на кое Судскиот совет го делегираше во март годинава, по заминувањето на Татјана Михајлова од местото.

    Со распоредот на Рибарев се изврши распределба на 17 обвиненија што ги поднесе СЈО. Пред да си поднесе оставка Рибарев, како што дознавме, бил на распит во предистражна постапка за злоупотреба на АКМИС-системот во Kривичниот суд.

    Рибарев ја напушта функцијата в.д. претседател, кога Основниот суд Скопје 1 треба брзо и непречено да ги оцени обвиненијата за „Тврдина“ и „Таргет“ и да го комплетира предметот за екстрадиција на уапсените во Солун Горан Грујевски и Никола Бошкоски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира