СТОТИЦИ ГРАЃАНИ СЕ ПРИКЛУЧИЈА НА ВТОРАТА ПАРАДА НА ГОРДОСТА ВО СКОПЈЕ

    СТОТИЦИ ГРАЃАНИ СЕ ПРИКЛУЧИЈА НА ВТОРАТА ПАРАДА НА ГОРДОСТА ВО СКОПЈЕПарадата низ центарот на Скопје помина без проблеми и инциденти (Фото: К. Попов)

    Во Скопје се одржува втората Парада на гордоста. Стотици луѓе од најразлични генерации се приклучија на маршот и славењето на различности, што тргна од паркот Жена борец, а главниот собир е во Градски парк пред Школка, каде што ќе има и неколкучасовна музичка програма.

    Меѓу учесниците беа и Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска и Радмила Шекеринска (Фото: К. Попов)

    Парадата низ центарот на Скопје помина без проблеми и инциденти, а меѓу учесниците беа и претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска и министерките Радмила Шекеринска и Јагода Шахпаска. Премиерот Зоран Заев преку Фејсбук ја изрази својата поддршка за парадата.

    „ЛГБТИ заедницата ја има владината и мојата поддршка за каузата која значи еднаквост и која последните четири години слободно се манифестира во нашето едно и еднакво општество, а на јавните простори во Скопје и со организацијата на #SkopjePride. Го делам ставот дека никој не е слободен додека секој еден не се ослободи затоа што нашата заложба за ‘Едно општество за сите’ ќе се реализира целосно кога секој глас ќе биде слушнат и најважно од сѐ – прифатен како еднакво важен со сите други. Манифестираме европски и солидарни манири среде Балкан. Ова е нашиот нов Балкан, слободен, човечки и разновиден. Повикувам здружно да продолжиме да работиме на рушење на ѕидовите и креирање нов и подобар свет за сите нас“, објави Заев.

    (Фото: К. Попов)

    Настанот го организира Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

    Првата Парада на гордоста се одржа пред две години, а лани беше одложена поради ковид кризата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира