СТУДЕНТИ ПО МЕДИЦИНА ЌЕ ИМ ПОМАГААТ НА ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ ВО СОБИРАЊЕ ПОДАТОЦИ ОД ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19

    СТУДЕНТИ ПО МЕДИЦИНА ЌЕ ИМ ПОМАГААТ НА ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ ВО СОБИРАЊЕ ПОДАТОЦИ ОД ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19„Многу ми е мило што идните здравствени работници се толку свесни и ја препознаваат својата важна општествена улога во моменти на криза. Нивниот придонес е многу значаен“, напиша на Фејсбук министерот на здравство Венко Филипче по утринската средба со студентите. (Фото: Фејсбук)

    Студентите од шеста година на Медицинскиот факултет од денес ќе им помагаат на епидемиолозите во Центрите за јавно здравје за правење на епидемиолошките анкети. Бројката на нови заразени од ковид-19 е во голем раст изминатиов период.

    „Причината зошто овие денови доцнат статистичките податоци е заради тоа што навистина епидемиолозите не можат да постигнат, со оглед на големиот број на анкетни листови коишто се пополнуваат. И затоа студентите во рамките на својот стаж ќе се приклучат и ќе помагаат во овој дел. Нивниот ангажман ќе биде во телефонска комуникација со пациентите, изработка на епидемиолошки анкети и обработка на податоците “, вели министерот за здравство Венко Филипче и додава дека тие нема да имаат физички контакт со пациенти заболени или суспектни на ковид-19.

    Ангажманот на студентите ќе трае шест месеци и ќе биде поделен во три фази. На секои два месеци по 50 нови студенти ќе бидат ангажирани во Центрите за јавно здравје.

    „Вклучувањето на студентите по медицина во борбата против ковид-19 е директна помош на здравствените работници и здравствениот систем кои го носат најголемиот товар во оваа криза. Дополнителна придобивка е што студентите освен што ќе стекнат искуство, преку овој ангажман ќе ја реализираат клиничката пракса по јавно здравје која ја извршуваат во шестата година од студиите и истата ќе им биде признаена“, вели проф. д-р Соња Топузовска, деканка на Медицинскиот факултет во Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира