СУДИЈАТА ДУШАН ЈОСИФОВ ГО ВРАТИ НА ПОЧЕТОК СУДЕЊЕТО ПРОТИВ ГРУЕВСКИ ШТО НАРАЧУВАШЕ ШАМАРИ ЗА ЖЕРНОВСКИ

    СУДИЈАТА ДУШАН ЈОСИФОВ ГО ВРАТИ НА ПОЧЕТОК СУДЕЊЕТО ПРОТИВ ГРУЕВСКИ ШТО НАРАЧУВАШЕ ШАМАРИ ЗА ЖЕРНОВСКИ„Насилство и шамари во Центар" е најстарото обвинение на СЈО уште од септември 2016. Никола Груевски е првообвинет за насилствата и кршењето на Општина Центар во 2013 и за нарачка на шамари за тогашниот градоначалник Жерновски (Фото: СДК.МК)

    Најстариот предмет на Специјалното обвинителство „Насилство и шамари во Центар”, чие обвинение беше поднесено уште во септември 2016 година, почнува одново. Се враќа на почеток зашто протече рокот од 90 дена во кои што не се одржа судење воопшто.

    Сега обвинителката Фатиме Фетаи одново ќе дава воведни зборови, ќе има изјаснување на обвинетите за вина и сѐ ќе се повтори.

    Ова судење е по обвинителен предлог што подразбира брза и економична постапка, а се претвори во најдолг судски процес меѓу обвиненијата на СЈО.

    Првообвинет за насилствата и кршењето на Општина Центар во 2013 година и за нарачка на шамари за тогашниот градоначалник Андреј Жерновски е избеганиот Никола Груевски. Обвинителката Фетаи предложи на избеганиот обвинет Груевски да му се суди во отсуство.

    Поранешниот адвокат на Груевски денеска побара од судијата Душан Јосифов буквално сѐ да се повтори во ова судење, одново да се викаат тие десетици и десетици сведоци, да се изведуваат и материјални докази, ТВ-снимки и сѐ што беше веќе направено досега за овој предмет, а што е веќе снимено и со камера и е влезено во записник.

    Судијата Јосифов бавно го водеше овој процес. Првин дозволуваше бескрајни приговори од сите можни адвокати на сите обвинети, рочиштата ги закажуваше на еден и повеќе месеци, а ги толерираше и честите отсуства на обвинетите.

    Претходно овој процес го влечеше судијката Татјана Михајлова.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира