СУДИЈКА ОД ГРАЃАНСКИОТ СУД НЕ ГО КАЗНИЛА ДРАГАН КОВАЧКИ ШТО Ѝ ДОШОЛ БЕЗ ЛИЧНА КАРТА, ЗАКОНОТ ВЕЛИ КАЗНАТА Е ОД 700 ДО 1.000 ЕВРА

    СУДИЈКА ОД ГРАЃАНСКИОТ СУД НЕ ГО КАЗНИЛА ДРАГАН КОВАЧКИ ШТО Ѝ ДОШОЛ БЕЗ ЛИЧНА КАРТА, ЗАКОНОТ ВЕЛИ КАЗНАТА Е ОД 700 ДО 1.000 ЕВРАКовачки со месеци изјавуваше дека Петровска има скриен имот, односно хациенда во населбата Радишани, а денеска не дозволи да го докаже тоа пред Суд (Фото:СДК.МК) С. К. ДЕЛЕВСКА

    Судијката Наташа Тодорова од Граѓанскиот суд Скопје на денешната парница Славјанка Петровска против Драган Ковачки не го казнила тужениот Ковачки, иако се појавил пред суд без лична карта или кој било друг документ за лична идентификација, а одолговлекување на постапка се казнува од 700 до 1.000 евра за физичко лице.

    Драган Ковачки, кој е пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и е тужен за клевета и навреда, денеска во однос на останатите граѓани, странки, е привилегиран и поштеден од Граѓанскиот суд Скопје. На децата кои стекнале полнолетство им е јасно дека без лична карта не смеат ни во маркет да појдат, а пратеникот кој е тужена страна, се дрзнал пред Суд да дојде без документ за идентитет.

    Судијката Тодорова била строго обврзана со Законот за парнична постапка (ЗПП) да го казни Ковачки за одолговлекување на постапката.

    Член 10:

    (1) Судот е должен постапката да ја спроведе без одолжување, во разумен рок, со што помалку трошоци и да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата што на странките им припаѓаат во постапката.

    (2) Со парична казна од 700 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе се казни физичко лице (странка, замешувач, одговорно лице во правно лице), а со казна во висина од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе се казни правно лице кое ќе ги злоупотреби правата што му припаѓаат во постапката.

    (3) Со паричната казна од ставот (2) на овој член ќе се казни и застапникот (адвокат или законски застапник), ако е одговорен за злоупотребата на правата.

    (4) Паричната казна од ставовите (2) и (3) на овој член ја изрекува првостепениот суд. Надвор од рочиштето за главна расправа казната ја изрекува судија поединец, односно претседателот на советот.

    (5) Ако паричната казна изречена со правосилно решение не биде доброволно платена во рокот кој го определил судот, таа присилно се наплатува по предлог на судот на начин определен со закон.

    САКАМДАКАЖАМ се обрати до Основниот граѓански суд Скопје и оттаму потврдија дека судењето денеска е одложено поради тоа што тужениот дошол без лична карта. На прашање дали судијката го казнила поради целта да ја одолговлечи постапката, нема конкретен одговор, се вели дека немале забелешка странките. Како да е тоа работа на забелешки, а не обврска дадена со Закон судијата да изрече казна за финтата за одлагање на судењето.

    „На 28.12.2023 година беше закажано рочиште по предметот П5 бр.8/23. На денешното рочиште закажан беше распит на странки – тужител и тужен. Двете странки се јавија во судот, тужителот уредно се легитимира со лична карта, а тужениот не презентираше документ за лична идентификација, во смисла на лична карта или патна исправа. Па, како не беа исполнети условите за изведување на дoказ распит на странки, кој требаше да се изведе на денешното рочиште, истото беше закажано за 30.01.2024 година во 8.30 часот. Немаше никакви забелешки од ниедна странка по однос на погоренаведеното, ниту од нивните полномошници“, ни одговори Граѓанскиот суд.

    Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на денешното судско рочиште по тужба за клевета поднесена од министерката Славјанка Петровска дојде без документ за лична идентификација.

    Министерката за одбрана кажа дека „лажгото и манипулатор Ковачки“ на денешната главна расправа дошол без лична карта и пасош затоа што се плаши од прашањата кои ќе му бидат поставени за изнесените лаги.

    „Тој кој пред два месеци обвинуваше дека некој друг се криел позади женска сукња, денес се исплаши од вистината и правдата. Подмолно, како што и му личи одби да се соочи со прашањата кои требаше да му бидат поставени. Замислете, дојде во судница без документ за идентификација, без лична карта или пасош. Само за да не му бидат поставени прашањата кои ќе ја разобличат неговата лага. Лесно е да се зборуваат лаги, ама тешко е да се соочиш со вистината“, напиша Петровска по одложеното рочиште.

    Ковачки изјавуваше дека Петровска има скриен имот, односно хациенда во населбата Радишани.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира