СУДИЈКАТА КАЦАРСКА ГИ ОПОМЕНА АДВОКАТИТЕ НА ЧАВКОВ ДА НЕ ГО РЕМЕТАТ МИРОТ ВО СУДНИЦАТА НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО

    СУДИЈКАТА КАЦАРСКА ГИ ОПОМЕНА АДВОКАТИТЕ НА ЧАВКОВ ДА НЕ ГО РЕМЕТАТ МИРОТ ВО СУДНИЦАТА НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТОСашо Дукоски е адвокат на ексдиректорот на БЈБ Митко Чавков, еден од 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 (Фото: СДК.МК)

    Судијката Добрила Кацарска го опомена адвокатот на обвинетиот Митко Чавков, Сашо Дукоски да не го ремети мирот во судницата во спротивно ќе биде парично казнет,  на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, на кое денеска сведочи пратеникот Мухамед Зекири.

    Адвокатот Еленко Миланов вкрстено го испрашуваше сведокот Зекири и приговараше затоа што прашања му беа одбиени бидејќи не произлегувале од исказот. Миланов ѝ рече на Кацарска дека овие прашања треба да се одговорат оти произлегуваат од исказот што сведокот го дал во Обвинителството и во него има многу повеќе податоци отколку она што го кажал на сведочењето.

    Потоа се вмеша Дукоски кој ѝ се обрати на Кацарска.

    „Продолжува и на денешното судење намерата на овој суд кон одбраната. Не сме на пазар, знаеме да читаме, што сме ние, ученици овде?“, рече Дукоски.

    Кацарска го опомена, бидејќи без да биде прозван од поднесителот на обвинението на висок тон се обратил на Судскиот совет и му рече дека следно ќе биде парично казнет.

    „Овој судски процес ќе биде долг, ве молам немојте да се доведувате во ситуација парично да бидете казнети“, им рече Кацарска на сите адвокати од 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.

    Адвокатот Еленко Миланов потоа побара од судот да предочи дел од исказот на Зекири кој го дал во Обвинителство. Судијката Кацарска ова барање го одби со образложение дека исказ во Обвинителство нема доказна сила.

    Денеска ќе сведочи и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој тоа време беше пратеник во Собранието.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира