СУДИЈКАТА КАЦАРСКА ОДБИ ДА ГО ОДЛОЖИ СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО, ОТКАКО АДВОКАТИТЕ РЕКОА ДЕКА ГИ НЕМААТ СИТЕ ДОКАЗИ

    СУДИЈКАТА КАЦАРСКА ОДБИ ДА ГО ОДЛОЖИ СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО, ОТКАКО АДВОКАТИТЕ РЕКОА ДЕКА ГИ НЕМААТ СИТЕ ДОКАЗИ„Сите вештачења кои ги имавме до поднесување на обвинителен акт се дадени на одбраната. Одбраната имаше време да предложи докази и сведоци. Само замајување на јавноста е сè друго што го кажуваат. Во законски рок се дадени доказите", рече обвинителката Вилма Русковска (Фото: К. Попов)

    Адвокатите на 33-та обвинети за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 бараат да се одложи денешното судско прво рочиште, бидејќи Основното јавно обвинителство не им ги доставило сите докази.  На судењето што почна претладнево, адвокатите посочија дека не можат да ги дадат нивните воведни зборови без да ги имаат сите листи на докази.

    Судијката Добрила Кацарска рече дека нема да го одложи судењето и најави дека рочиштето ќе трае и  по работното време на судот, а обвинетитете ќе добијат еден час пауза за ручек.

    Обвинителката Вилма Русковска од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција рече дека техничка грешка е што не се дадени некои записници и дека тие ќе бидат дадени на одбраната.

    „Сите вештачења кои ги имавме до поднесување на обвинителен акт се дадени на одбраната. Одбраната имаше време да предложи докази и сведоци. Само замајување на јавноста е сè друго што го кажуваат. Во законски рок се дадени доказите”, рече обвинителката Русковска.

    „Јас само барам да ни бидат дадени оние докази кои и вам тогаш не ви биле дадени, односно подоцна сте ги добиле за да можам да ја темелам одбраната”, рече адвокатот Донче Наков кој брани 4 од обвинетите.

    Судијката Добрила Кацарска, рече дека Обвинителството ќе им ги достави сите докази кои се на листата до сите обвинети.

    За терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста обвинети се 33 лица, а двајцата агенти од УБК кои ги одземаа снимките од безбедносните камери во Собранието се товарат за помагање за истото кривично дело, според обвинителниот акт што го поднесе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 27 март годинава.

    Обвинети за организираниот напад на Собранието се четворицата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и пратеникот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски. Покрај пратениците обвинети се и Митко Чавков, , организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски и Богдан Илиевски, и десетина припадници на МВР.

    Во судницата се присутни сите обвинети и членови на нивните семејства. Пред почетокот на првото судско рочиште, стотина лица протестираа со зурли и тапани пред зградата на новиот Кривичен суд за поддршка на обвинетите.

    A. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира