Министерството за внaтрешни работи повторно го приведе поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и М.П., Д.Л., О.П. и Г.Ѓ, кои на 26 март беа пуштени во куќен притвор во врска со организираниот напад на Собранието на 27 април минатата година.
„Постапувајќи по решение на Основниот суд Скопје 1, пет лица се пренесени во истражниот затвор Скопје“, изјавија од МВР.
„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против М.Ч., М.П., Д.Л. О.П. и Г.Ѓ, донесе решенија со кои делумно го уважи предлгот на обвинителството и им определи мерка притвор во траење од 30 дена поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од КЗ, а поради постоење на причините предвидени во член 165 ст.1 т. 1 од ЗКП. Против овие решенија странките имаат право на жалба во рок од 24 часа по приемот на решенијата до Апелационот суд – Скопје“, соопшти утринава Основниот суд Скопје 1.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера поднесе обвинителен акт против 28 лица за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста, а две лица се товарат за помагање за истото кривично дело во врска со организираниот напад на Собранието на 27 април лани. Во обвинението се опфатени и лица кои биле учесници во друга група, како организатори на движењето „За заедничка Македонија“. Овие четворица обвинети ги повикале и ги повеле насобраните граѓаните кон Собранието и со потпалувачки говори ја разгореле нетрпеливоста на насобраните граѓаните.
Едно од обвинетите лица од пред вратите на Собранието бил во телефонска комуникација со обвинет пратеник со што се утврдува и координацијата меѓу двете групи, меѓу луѓето пред вратата и петмината пратеници внатре, кои заедно со тројца обвинети од собраниското обезбедување ги отвориле двете врати и им овозможиле на лицата со фантомки и насобраната толпа од „За заедничка Македонија“ да влезат и да ги нападнат пратениците. Петте обвинети пратеници се: Крсто Мукоски, Сашо Василески, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски.
Еден од обвинетите тргнал кон пратеникот Зоран Заев и посегнал по пиштолот, но не пукал затоа што Заев бил заштитен од обезбедувањето.
За четворица од осомничените е прекината постапката бидејќи не се достапни на органите на прогонот, а истрагата е запрена и за пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, бидејќи, како што кажаа од Обвинителството, не се утврдени елементи на сторено кривично дело.