Психијатарката Викторија Вујовиќ која му даде боледување на обвинетиот во случајот „ТНТ“ Тони Трајковски, на рочиштето в понеделник ќе треба да образложи зошто тој не може да присуствува на судењата.
Кривичниот суд ја повика Вујовиќ да дојде на наредното рочиште кое е закажано за 20 јануари, откако судењето вчера беше одложено бидејќи Трајковски достави извештај од докторката во кој се вели дека има психички проблеми откако бил натепан. Докторката препорачува Трајковски да биде на боледување 15 дена.
„Со цел утврдување на фактичката состојба, доследно почитување на правата на странките во постапката, како и јавниот интерес за предметот, судот ќе и овозможи на докторката јавно да ја образложи здравствената состојба на обвинетиот и причините за неговата спреченост да присуствува на судењето, за што веќе има издадено соодветна документација“, се вели во соопштението од Кривичен суд.
Обвинетиот ексградоначалник на Општина Гази Баба на 23 декември 2019 година пријавил дека бил истепат од непознати лица поради расправија за куче.
Трајковски заедно со избеганиот Никола Груевски и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во случајот „ТНТ“ е обвинет за незаконско уривање на објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.
А. АНТЕВСКА