СУДОТ НА ЧЕСТА НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА МУ ЈА ОДЗЕДЕ НА 7 ГОДИНИ ЛИЦЕНЦАТА НА ТЕТОВСКИОТ АНЕСТЕЗИОЛОГ ТИКТОКЕР

    СУДОТ НА ЧЕСТА НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА МУ ЈА ОДЗЕДЕ НА 7 ГОДИНИ ЛИЦЕНЦАТА НА ТЕТОВСКИОТ АНЕСТЕЗИОЛОГ ТИКТОКЕРСудот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на Лекасрката комора. (Фото: К. Попов)

    Привремено е одземена лиценцата за работа на д-р Ваљтон Дервиши, специјалист анестезиолог, вработен во  Клиничка болница Тетово, одлучи денеска Судот на честа при Лекарската комора на Македонија. Лиценцата за работа на докторот привремено се одзема за период од 7 години, што согласно правните прописи е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето.

    Дервиши снимаше и објавуваше снимки од пациенти и вработени во болницата на ТикТок. Основното јавно обвинителство Тетово до Основниот суд во Тетово на 22 април поднесе Обвинителен предлог против анастезиологот за кривични дела – Несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1, како и Неовластено снимање според член 152 став 2 од Кривичниот законик. Јавниот обвинител побарал на анестезиологот-тиктокер, да му се продолжи мерката притвор. На 15 април, Дервиши доби осумдневен притвор по предлог на Обвинителството и судија на претходна постапка од Основниот суд Тетово.

    „Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на ЛКРСМ, како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика. Докторот на медицина, својата професија треба да ја врши совесно и одговорно со почитување на човековото достоинство. Тој е должен да ги почитува и штити правата на пациентите и да ја чува нивната доверба и тајност на медицинските податоци. Почитување на етичките норми е најважната основа на која лекарите секојдневно ги практикуваат своите стручни знаења во областа на медицина и ги лекуваат пациентите. И најстручниот лекар не е доволно добар лекар, доколку не ги почитува етичките норми и правила. Лекарската комора, како професионално здружение на сите доктори на медицина во нашата земја, нема да дозволи дигнитетот и угледот на докторите да бидат загрозени од неодговорно однесување на поединци во фелата. Со денешната Одлука органите на Комората како легитимни претставници на сите нејзини членови испраќаат порака дека лекарите веруваат во етичките вредности и правила и силно ќе се залагаат за нивно доследно почитување во работата“, соопшти соопштението од Комората.

    Четириесет и тригодишниот Дервиши е во притвор откако на ТикТок ги објавуваше пациентките на Гинеколошкиот оддел на тетовската Клиничка болница. Во таканаречен ТикТок предизвик тој имал дијалог со друг тиктокер и снимајќи се вулгарно ги коментирал пациентките кои беспомошни лежеле на тетовска Гинекологија. Откако снимките беа објавени и предизвикаа голема вознемиреност во јавноста, полицијата го приведе анестезиологот. Случајот го пријави директорот на Клиничката болница од Тетово Плумб Вела.

    Министерот за здравство Фатмир Меџити потоа го разреши организацискиот директор Арменд Фазљиу и рече дека е поради тоа што Тетовската болница го толерирала анестиозологот и покрај тоа што снимањето на Тик Ток не му бил прв прекршок. Тој кажа и дека во болницата воопшто немало воспоставено дисциплинска комисија. Бљерим Османи е именуван за нов организациски директор.

    САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека петочлена комисија од еминентни професори од Катедрата на анестезија на Медицинскиот факултет на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во 2014 се повлекла и одбила да му ја нострифицира специјализацијата од Косово на Дервиши. Специјализацијата, според извори на САКАМДАКАЖАМ.МК во Министерството за здравство, му е потпишана во 2015 од тогашниот министер Никола Тодоров.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира