СУДСКИ ПОЛИЦАЕЦ ЗЕМАЛ МИТО ОД 1.500 ЕВРА ЗА ДА ПОСРЕДУВА ОБВИНЕТ ДА ДОБИЕ ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДА

    СУДСКИ ПОЛИЦАЕЦ ЗЕМАЛ МИТО ОД 1.500 ЕВРА ЗА ДА ПОСРЕДУВА ОБВИНЕТ ДА ДОБИЕ ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДАСудскиот полицаец се претставувал како лице кое долги години работи во судот и има контакти со судиите во сите степени, при што може да ургира пресудата да биде заменета со ослободителна. (Фото: СДК.МК)

    Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал донесе наредби за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание.

    Осомничените се судски полицаец и доставувач од Основниот кривичен суд Скопје. Тие од август 2025 до 7 април годинава директно примиле награда во паричен износ од 500 евра и 60.000 денари од сведок за посредување на судскиот полицаец во повисоките судови, со цел да издејствува ослободителна пресуда.

    „Сведокот, кој поднел жалба на првостепена пресуда, со која бил огласен за виновен и осуден на казна затвор во траење од една година, преку сосед стапил во контакт со осомничениот доставувач, кој го упатил кај судскиот полицаец како лице кое може да посредува. Судскиот полицаец бил претставен како лице кое долги години работи во судот и има контакти со судиите во сите степени, при што може да ургира пресудата да биде заменета со ослободителна. Убеден во неговото влијание, сведокот во текот на 2025 на доставувачот му предал 500 евра, со цел истите преку судскиот полицаец да бидат предадени на судија од Апелациониот суд Скопје, кој би донел ослободителна пресуда“, се вели во соопштението од Обвинителството.

    Во текот на 2026 година, сведокот на осомничениот судски полицаец му исплатил 30.000 денари како награда за посредувањето. Откако Апелациониот суд Скопје ја потврдил првостепената пресуда, сведокот преку својот бранител поднел вонреден правен лек пред Врховниот суд. На 07.04.2026 сведокот на осомничениот полицаец му исплатил уште 30.000 денари како награда за наводно посредување пред судиите на Врховниот суд кои треба да одлучуваат во постапката.

    Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог, што беше делумно прифатен. Со решение на судот, на осомничениот судски полицаец му е определена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на доставувачот му е определен куќен притвор, за што предметниот обвинител, незадоволен од одлуката на судијата, доставил жалба.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира