СУДСКИОТ СОВЕТ 5 МЕСЕЦИ НЕ РАСПИШУВА ОГЛАС ОТКАКО ПРОПАДНА ИЗБОРОТ НА ВРХОВНИ СУДИИ, СЕ ЧЕКА ДА УЗРЕАТ СО СТАЖ ДВЕ СУДИЈКИ СО ПАРТИСКА ПОДДРШКА

    СУДСКИОТ СОВЕТ 5 МЕСЕЦИ НЕ РАСПИШУВА ОГЛАС ОТКАКО ПРОПАДНА ИЗБОРОТ НА ВРХОВНИ СУДИИ, СЕ ЧЕКА ДА УЗРЕАТ СО СТАЖ ДВЕ СУДИЈКИ СО ПАРТИСКА ПОДДРШКАВо Судскиот совет велат дека не им е сега приоритет избор на судии во Врховниот суд. (Фото: СДК.МК)

    Судскиот совет 5 месеци не објавува нов оглас по дебаклот за изборот на врховни судии во Kривичниот оддел, каде има тројца Албанци, една Србинка и една Македонка, само зашто судијата Енвер Беџети немаше гласови за да стане врховен судија. На таа седница, членови на Судскиот совет злоупотребувајќи ја функцијата не гласаа или гласаа „против“ долгогодишните апелациони судии Зоран Димитриевски и Тања Дуковска, кои имаа најмногу бодови, а притоа не кажаа зошто не гласаат за нив.

    Врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова, која тогаш беше членка на Судскиот совет, на седницата праша, но не доби одговор – зошто нејзините колеги не гласаат за кандидатите со најголем број бодови, за прворангираните?

    Новинарските прашања – зошто Судскиот совет дозволи политиката толку да го зароби, останаа до денеска неодговорени. Остана и Врховниот суд да работи преполовен, со мал број судии особено во Кривичниот оддел.

    САКАМДАКАЖАМ.МК праша кај повеќе судии што значи ова 5 месеци да не се распиш оглас за упразнетиот Врховен суд, кога во меѓувреме постојано се бираат судии и претседатели на судови? Претпоставките кај судиите се дека сето ова е не само поради Енвер Беџети, кој 9 месеци го криеше во фиока за да остари случајот на Сашо Мијалков „Тврдина-Таргет“, туку и од други причини.

    Неофицијално, постои мала група апелациони судии за т. н. зреење, кои се пред исполнување на законскиот стаж од 6 години што е услов за некој да може да се кандидира за Врховниот суд. Две од тие се судијки од Апелациониот суд Скопје и зад двете стои по една владејачка партија.

    Едната од тие две судијки го криеше другиот предмет на Мијалков. И двата предмета Апелација ги врати назад, на повторно судење. Овие две судијки во ноември прават 6 години како работат во Апелација, со што практично го исполнуваат условот за да конкурираат на огласот.

    Во Судскиот совет ни рекоа дека не им е сега приоритет избор на судии во Врховниот суд, туку изборот на академците, на претседатели на судови и на судии во Апелациониот суд Скопје.

    „Во подготовка е анализа за слободни судиски места“, ни рекоа од Советот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира