СУДСКИОТ СОВЕТ ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА ТЕСТИРА СУДИИ СО ИСТИТЕ ТЕСТОВИ ЗА ИНТЕГРИТЕТ КОИ НЕ ГИ ПРЕПОЗНАА КОРУМПИРАНИТЕ КАДРИ, ВЛАДАТА ИМ ДАЛА ДОЗВОЛА

    СУДСКИОТ СОВЕТ ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА ТЕСТИРА СУДИИ СО ИСТИТЕ ТЕСТОВИ ЗА ИНТЕГРИТЕТ КОИ НЕ ГИ ПРЕПОЗНАА КОРУМПИРАНИТЕ КАДРИ, ВЛАДАТА ИМ ДАЛА ДОЗВОЛАНикој не обрнува внимание дека законот бара акредитирана и стандардизирана агенција која треба да ги состави тестовите, да тестира и да не ги пушти да бидат избрани на оглас судиите кои ќе паднат на овие многу важни тестови. - Претседателот на Судски совет Сашко Георгиев (Фото:СДК.МК)

    По само два дена откако во анонимна анкета судиите што се согласија да ја одговорат, укажаа на висока корупција и злоупотреби во судството, и при доверба кај граѓаните од само два процента, Судскиот совет одлучи да продолжи со стариот начин на тестирање за интегритет и за психолошка состојба на судиите.

    На досегашниот начин на тестирање, кој се покажа дека е лош со оглед на тоа дека самите судии укажаа на корумпирани кадри меѓу нив, лесно подложни на притисоци, Владата на седница му го продолжила векот.

    „Продолжете со истото тестирање како досега”, му пишала на Владата на Судскиот совет.

    На оваа одлука, на денешната седница на Судскиот совет се спротивстави само Весна Дамева, која рече дека ќе напише издвоено мислење. Таа останува на тврдењето дека не е законски ваквиот процес на тестирање на кандидатите за Академијата за судии и обвинители, на кандидатите за Апелационен, Виш и Врховен суд и на избраните членови на Судскиот совет.

    Причината според неа е што законот бара специјална, акредитирана и стандардизирана агенција да ги осмислува и спроведува тестовите за интегритет на судиите и психолошките тестови, а не измислена комбинација, лепенка од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и приватна агенција „Виста” на која ѝ истекла лиценцата.

    „Јас ни претходно, ни сега не гледам проблем да продолжиме на истиот начин за спроведување на тестовите за интегритет и психолошките тестови за кандидатите”, кажа членката на Судскиот совет Лорета Георгиева.

    Проблем нема ни за претседателот Сашко Георгиев, потпретседателот Ханиф Зендели, Селим Адеми и останатите членови.

    По ова, присутните членови изгласаа да се потпише анекс на истечениот договор со фирмата што ги тестирала судиите години наназад.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира