СУДСКИОТ СОВЕТ В СРЕДА ЌЕ ГО РАЗРЕШУВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВРХОВНИОТ СУД ВАНГЕЛОВСКИ

    СУДСКИОТ СОВЕТ В СРЕДА ЌЕ ГО РАЗРЕШУВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВРХОВНИОТ СУД ВАНГЕЛОВСКИПред Судскиот совет се предлага разрешување на претседателот Јово Вангеловски и уште на двајца врховни судии, кои во 2017 заедно надгласаа двајца колеги во Кривичниот совет на Врховниот суд со што му го укинаа притворот на тогаш избеганиот Сеад Кочан; - Вангеловски и претседателот на Судскиот совет Киро Здравев (Фото: СДК.МК)

    Разрешувањето на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски по повеќе од една година избегнување, конечно е ставено на  дневен ред на  седницата на Судскиот совет закажана за среда, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Расправата по точката „Извештаи на комисиите за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд“, објавена на дневниот ред на седницата на Советот, нема да биде јавна.

    Се предлага разрешување на Вангеловски и уште на двајца врховни судии, кои заедно надгласаа двајца колеги во кривичниот совет на Врховниот суд со што му го укинаа притворот на тогаш избеганиот Сеад Кочан. Барањето беше не од Специјалното јавно обвинителство, чие што беше обвинението за „Труст“, туку од тогашниот државен Јавен обвинител Марко Зврлевски, кој поднесе такво барање преку обвинителот Ацо Колевски и се замеша во надлежностите и работата на СЈО.

    Судскиот совет требаше да расправа за разрешувањето на Вангеловски на седницата на 10 јуни, но новиот претседател на Советот Киро Здравев на дневен ред стави тројца други судии, од кои двајца се врховни и токму Вангеловски им поднел иницијативи за разрешување. Здравев на прашање дали конечно ќе се расправа и ќе се гласа за иницијативата против претседателот на Врховниот суд, тогаш рече:

    „Тие постапки се во фаза на расправа, а некаде сум информиран дека е потребно да се изработи и извештај од комисиите врз основа на претходно спроведената расправа“.

    Вангеловски јавноста го слушна во бомбите како договара судски предмет со ексминистерот Миле Јанакиески, потоа во разговор на функционер од тогашната власт со соговорник каде изнесуваат компромитирачки моменти за него. Во посебен извештај го посочи и специјалната обвинителка Катица Јанева како судија, претседател на највисокиот суд, кој спроведува партиски влијанија и директиви, но до денеска, тој не си поднесе оставка.

    Пред 13 месеци Судскиот совет отвори постапка за разрешувањето на Вангеловски и на двајцата негови колеги. Но, доскорешниот претседател на Советот Зоран Караџовски не презеде ништо во врска со отворената постапка за да дојде до гласање. Сега Советот има нов претседател, врховниот судија Киро Здравев.

    Врховниот суд го спаси Кочан од притвор во мај 2017, откако Колевски поднесе Барање за заштита на законитоста (БЗЗ) со кое се замеша во работата на СЈО. На барање на СЈО, Основниот суд Скопје 1 и Апелациониот суд Скопје, иако сѐ уште на власт беа Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, му одредија притвор на тогаш осомничениот во „Труст“ Кочан. Потоа, петчлениот Кривичен совет на Врховниот под раководство на Јово Вангеловски постапи и најде неправилности во одлуките на двата пониски суда, по што му ја укина мерката притвор.

    Кочан по оваа одлука на Врховниот суд иницирана од Колевски, се врати од бегство.

    Кочан избега во април 2017. Избега веднаш штом му беше одредена мерка притвор. Беше осомничен за добивање противзаконски тендер од 17 милиони евра од минатата власт, со лажна документација.

    Во меѓувреме, на иницијатива на Вангеловски, Општата седница на Врховниот суд расправаше и на 27 април 2017, според Вангеловски, донела одлука тогашниот државен обвинител Марко Зврлевски да може да се меша во предметите на СЈО и да поднесува Барање за заштита на законитоста после секоја одлука на СЈО. Зврлевски поднесе предлог до Врховниот суд, а кривичниот совет под раководство на Вангеловски на 12 мај 2017 ги укина одлуките на Основниот суд Скопје 1 и на Апелациониот суд Скопје од март 2017, со кои му беше одредена мерка притвор. Кочан по одлуката на петчлениот кривичен совет на Врховниот суд уште истата вечер се врати во Македонија, преку граничниот премин Табановце.

    Сега како основ за разрешување се смета тоа што Општата седница воопшто не дала зелено светло, немало мнозинство гласови.

    Кога се врати Кочан од бегство, судовите повторно одлучуваа, ја прифатија понудената гаранција од 900 илјади евра и Кочан беше пуштен да се брани од слобода. Но не истите судии што првично му го одредија притворот. Тогашниот в. д. претседател Стојанче Рибарев, кој сега се врати назад како врховен судија, го смени распоредот и ги тргна членовите на кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, кој првично му ја одреди мерката притвор на Кочан.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира