ТЕЛЕФОНОТ Е ОДЗЕМЕН ЗА ДА СЕ ВИДИ ДАЛИ ИМАЛО КОМУНИКАЦИЈА МЕЃУ ОБВИНИТЕЛОТ И ОСОМНИЧЕНИОТ, РЕЧЕ РУСКОСКА

    ТЕЛЕФОНОТ Е ОДЗЕМЕН ЗА ДА СЕ ВИДИ ДАЛИ ИМАЛО КОМУНИКАЦИЈА МЕЃУ ОБВИНИТЕЛОТ И ОСОМНИЧЕНИОТ, РЕЧЕ РУСКОСКАОдговарајќи на новинарско прашање, обвинителката Вилма Рускоска потврди дека Боки 13 бил уапсен на граничниот премин „Богородица“ при обид за бегство.(Фото: СДК.МК)

    Мобилниот телефон на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ѝ бил одземен за да се види дали имало комуникација меѓу нејзе и Бојан Јовановски-Боки 13. Ова го кажа доцна вечерва шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска, но не споменувајќи имиња ниту на јавниот обвинител, ниту на првоосомничениот.

    „Телефонот е одземен за да ја видиме комуникација на јавен обвинител и првоосомничениот. Претрес не е направен кај ниту еден јавен обвинител и сега за сега нема причина зошто да бидат изведени пред судија“, рече Рускоска.

    Таа одговарајќи на новинарско прашање потврди дека Боки 13 бил уапсен на граничниот премин „Богородица“ при обид за бегство.

    „Обележани пари немаме, како докази имаме обезбедено разговори и видеоснимки“, додаде Рускоска.

    Вечерва судија на претходна постапка одреди мерка притвор од 30 дена за Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец за примање поткуп и перење пари. Двајцата вечерва со полициска придружба беа спроведени во затворот во Шутка.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари