ТЕНДЕРОТ Е СПРОВЕДЕН СОГЛАСНО ЗАКОН, НО МОЖЕБИ СУМ ПРИСТРАСЕН И ЗАТОА Е ТУКА СУДОТ, РЕЧЕ ЗАЕВ ПО ПРИВЕДУВАЊЕ НА РАШКОВСКИ

    ТЕНДЕРОТ Е СПРОВЕДЕН СОГЛАСНО ЗАКОН, НО МОЖЕБИ СУМ ПРИСТРАСЕН И ЗАТОА Е ТУКА СУДОТ, РЕЧЕ ЗАЕВ ПО ПРИВЕДУВАЊЕ НА РАШКОВСКИЗаев вели секој е невин додека органите не ја докажат вината. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев и понатаму тврди дека тендерот за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци за кој денеска беше приведен поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, е спроведен согласно законот. Заев одговарајќи на новинарско прашање како го коментира апсењето на Рашковски рече дека секој е невин додека органите не ја покажат вината.

    „Ова уште еднаш покажува дека нема недопирливи во државата. Сегашниот генерален секретар Мухамед Зекири ги достави сите документи околу постапката и до Јавно обвинителство и Антикорупциска комисија. Од она што јас го видов, постапката е спроведена согласно законот и деловникот на Владата, но Обвинителството ако има други индиции треба тие да ги докаже, а судот да пресуди. Јас немам никакви резерви, ако сум имал ќе сум соопштел. Можеби сум пристрасен можеби не сум, затоа постојан институции кои ќе кажат“, рече премиерот Заев на прес-конференцијата во Собранието со албанските партии од опозицијата за законот за државјанство.

    Обвинителството бара притвор за Рашковски, за случајот дека додека бил генерален секретар на Владата набавил софтвер за сообраќајни прекршоци од 81.000 евра кој никој не го користи. Рашковски на 12 април си поднесе оставка од функцијата Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и на стратешки проекти.

    Обвинителството утрово соопшти дека донело Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле Злоупотреба на службената положба и овластување. Рашковски е првоосомничен во случајот.

    Од таму образложуваат дека „во временскиот период од месец јануари 2019 година до месец јули 2020 година, првоосомничениот како службено лице, помогнат од останатите осомничени лица, со умисла извршил три временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира