ТЕРМИН ЗА МАМОГРАФ НЕМА ВО НАРЕДНИТЕ ТРИ МЕСЕЦИ

    ТЕРМИН ЗА МАМОГРАФ НЕМА ВО НАРЕДНИТЕ ТРИ МЕСЕЦИМамографот во болницата за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ е расипан повеќе од еден месец,а од Министерството за здравство велат дека ќе биде поправен неделава. (Фото: М. Златевска)

    Мамографот во болницата за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ повеќе од еден месец е расипан, а слободен термин за овој вид дијагностичка процедура во наредните три месеци нема во ниту една здравствена установа во Скопје.

    Според податоците од електронскиот систем за закажување МојТермин наредните три месеци слободен термин за мамографија нема на Клиниката за радиологија, во градската општа болница „8 Септември“, во поликлиниките Ѓорче Петров, Јане Сандански, Букурешт, Чаир, ниту во здравствен дом Железничар.

    Од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека дефектот на мамографот во „Св. Наум Охридски“ е навреме и уредно пријавен кај овластениот сервисер и во секторот за медицинска опрема во Министерството.

    „Веќе се работи на отстранување на дефектот и според информациите од сервисерот, мамографот се очекува да биде ставен во функција во текот на оваа недела. Пациентите кои имале закажан термин за мамографија се навремено известени дека истиот ќе биде дополнително презакажан по отстранување на дефектот“, велат од Министерството за здравство.

    Д-р Иван Спирoвски, директор на „Св. Наум Охридски“ вели дека добиле ветување од сервисерот дека неделава ќе го обезбедат делот кој им е потребен за да се стави апаратот во функција, но не сакаше да прецизира кога тој ќе проработи.

    Освен во Скопје слободен термин за мамографија во наредните три месеци нема ниту во Тетово, Прилеп, Гевгелија, Крaтово и Пехчево, а први слободни термини од 3 дена до 17 дена нема ниту Велес, Битола, Свети Николе, Охрид, Кочани и Кавадарци. Според МојТермин денес слободни термини за мамограф има во Струга и Ресен, утре во Вевчани и Делчево, а задутре во Кичево.

    Од Министерството за здравство не одговорија како ќе го решат проблемот што во наредните три месеци повеќето градови во земјава нема слободен термин за мамограф, а навременото откривање на ракот на дојка е клучен во лекување на оваа болест.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира