Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) и Клиниката за инфективни болести изминатов викенд си ја префрлувале обврската кој да ја лекува 48-годишната К. С. која имала леукемија и ковид-19, а која почина вчера на Клиниката за хематологија.
Според документацијата од Клиниката за хематологија која ја објави „Слободен печат“ oд докторите што ја воделе оваа пациентка, за неа бил баран трансфер на две клиники и тоа го запишал специјалистот што ја водел во медицинската документација. Меѓутоа, трансфер не бил спроведен ниту на Клиниката за анестезија и интензивно лекување КАРИЛ, ниту на Одделот за интензивна нега на Инфективна клиника.
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска кажа дека се реновира Интензивната нега на Инфективна клиника, а на новинарски прашања за тоа како може да се нема план за третман на пациенти за интензивна нега и респиратори додека се реновира Инфективната клиника и каде да се упатуваат пациентите на кои им треба респиратор, Таравари рече дека мора да се реновира во здравствените институтции, дека некои од нив не се во добра состојба и мора да се преземат чекори. Таравари рече и дека Оддели за интензивна нега има скоро на сите клиники, респиратори има скоро на сите клиники.
Пациентката, како што е наведено во нејзината медицинска документација од Клиниката за хематологија, во текот на ноќта имала кардиореспираторно попуштање и развој на белодробен едем. Повикан бил конзилијарен инфектолог и постапено е по неговите насоки.
„Пациентката е мониторирана редовно, симптоматски и супортивно третирана. Утринава од 5 часот со знаци на кома, агонално дишење, анурија, хипотензија. Побаран трансфер во единица за интензивна нега на Клиника за инфективни болести и КАРИЛ. Одбиени од КАРИЛ, а на Инфективна немало интензивна нега. Состојбата уште непроменета. Одржува сатурација 85 проценти. Почнува да реагира на погруби дразби. Семејството известено и присутно пред клиниката во текот на целата ноќ“, пишува во белешката на докторот што ја водел на Хематологија.
Во медицинската документација има и упат од Клиниката за хематологија до ТОАРИЛУЦ со текст „Молам конзилијарен преглед и мислење за трансфер во единица за интензивна нега, пациентка во кома, одржува сатурација од 85 проценти на маска со висок проток“.
Од ТОАРИЛУЦ упатството за понатамошно лекување, според документите на „Слободен печат“, гласи:
„Заради позитивен ковид тест кај пациентката, потребна е консултација со инфектолог за евентуална потреба од интензивно лекување на УК за Инфективни болести“.
Но, на Инфективната клиника не било можно да се изврши трансферот. Таму се реновира Одделот за интензивна нега. Пациентката починала на Хематологија без да биде пренесена во друга клиника.
Пациентката позитивниот резултат за ковид-19 го добила пред шест дена, на 13 август. Пет дена подоцна, таа почина.
Од стручниот и лекарски колегиум на УК Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби сметаат дека пациентката била третирана соодветно за ковид инфекцијата.
„Се работи за тешка пациентка со неконтролирано основно заболување во терминална фаза кога е потребно интензивно лекување од страна на хематолог што е компетентен за лекување на вака тешки пациенти во Клиниката за хематологија, лекување што не може да се спроведе на Инфективна клиника. Потенцираме дека секојдневно беше консултиран инфектолог за терапија и следење на ковид инфекцијата, а третманот на основното заболување го спроведувале специјалисти хематолози. Следствено, сметаме дека пациентката соодветно мултидисциплинарно е третирана во соодветна установа специјализирана за основното заболување каде добила најсоодветен третман и грижа. Сметаме дека неможноста за контрола на основното заболување во терминална фаза е причина за леталниот исход кај оваа пациентка. Кај вакви имуносупримирани пациенти која било инфекција може да доведе до влошување на основната болест со неможност за контрола на истата“, велат од стручниот колегиум на Инфективната клиника за „Слободен печат“.
Таравари денеска кажа дека гарантира дека нема лекарска грешка во лекувањето на пациентката, како и дека е сигурен оти причината за смртта на пациентката не е дека не работела интензивна нега на Инфективната клиника.