ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ СИ ЗАМИНА ОД СУДОТ ПОД ЗАШТИТА ОД ПРАТЕНИЧКИОТ ИМУНИТЕТ

    ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ СИ ЗАМИНА ОД СУДОТ ПОД ЗАШТИТА ОД ПРАТЕНИЧКИОТ ИМУНИТЕТВељаноски како сведок на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година рече дека не разбира албански, не знаел што пее пратеникот Албанец и не ја знае албанската химна, па затоа не му го исклучил микрофонот (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски кој е меѓу петтемина осомничени организатори и осмислувачи на нападот на Собранието на 27 април 2017 година и за кои Собранието изгласа закон во кои изрично е кажано дека за нив нема да има амнестија, го напушти Основниот суд Скопје 1, повикувајќи се на пратеничкиот имунитет кој го штити.

    На излегување кажа дека не е организатор и не чувствува одговорност, како и тоа дека 10 години бил претседател на Собранието и било срамота што е осомничен за такво нешто.

    Сега според процедурата, Основниот суд Скопје 1 треба да го извести Собранието дека треба да му биде симнат имунитетот, за да може да постапува во врска со барањето на Обвинителката Вилма Русковска, односно на обвинителството за организиран криминал и корупција за мерка притвор против него. Претседателот на Комисијата за мандатно имунитетни прашања Павле Богоевски треба да закаже седница и ако Комисијата изгласа дека треба да му биде симнат имунитетот, треба предлогот да го поднесе до 120-те пратеници и Собранието да ја донесе конечната одлука.

    Вељаноски на 27 април 2017 година, пред да влезе насилно толпата и да бидат тешко повредени пратениците кои не се од ВМРО-ДПМНЕ, ќе остане запаметен по провокативните изјави како претседавач, кон колегите од тогашната опозиција предводена од Зоран Заев: „Полека, што сте запнале да бирате претседател, до ова место тешко се доаѓа!“. Но, и по тоа дека не го исклучи микрофонот кога пратеник на Беса излезе да ја пее албанската химна, за да ја чуе убаво толпата надвор пред Собранието.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари