ТРАНСРОДОВА ЖЕНА ДОБИ ПРАВО НА ПРОМЕНА НА ОЗНАКАТА ЗА ПОЛ И МАТИЧНИОТ БРОЈ ВО ЛИЧНИТЕ ДОКУМЕНТИ, ВТОРА ВАКВА ОДЛУКА НА УПРАВНИОТ СУД

    ТРАНСРОДОВА ЖЕНА ДОБИ ПРАВО НА ПРОМЕНА НА ОЗНАКАТА ЗА ПОЛ И МАТИЧНИОТ БРОЈ ВО ЛИЧНИТЕ ДОКУМЕНТИ, ВТОРА ВАКВА ОДЛУКА НА УПРАВНИОТ СУДДосега во Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници се обратиле дваесетина трансродови лица, а во тек се шест постапки пред институциите и судовите. - Логото на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, која ја водеше постапката пред Управниот суд

    Трансродова жена денес доби право во матичната евиденција да ѝ се смени ознаката за пол и матичниот број, откако Управниот суд на денешната јавна седница го усвои нејзиното тужбено барање. Од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, која ја водеше постапката пред Управниот суд, велат дека ова е втора ваква одлука што ја носи судот, откако минатата недела на уште една трансродова жена и го усвои барањето за промена на податоците во матичната евиденција.

    „Постапката за овој втор случај трае од 2014 година, бидејќи Управата за водење на матични книги и Министерството за правда ги одбиваа барањата за промена на податоците, без основано образложение. Во меѓувреме, трансродовата жена се соочуваше со секојдневни проблеми во остварувањето на нејзините права. Неусогласеноста на податоците во личната карта со нејзиниот изглед и личното име ја доведуваа во непријатни и понижувачки околности во различни институции. Беше принудена да објаснува за сопствениот идентитет во присутво на трети и непознати лица, односно при посета на лекар, преминување граница, на шалтер во банка, во јавен транспорт“, велат од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници.

    Наташа Бошкова, правен советник од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, вели дека со оваа одлука на Управниот суд сега Министерството за правда и Управата за водење матични книги же нема веќе изговори и во личните документи ќе мора да ги променат податоците. По оваа одлука државните институции може да се жалат до Виш Управен суд.

    „Досега во Коалицијата се обратиле дваесетина трансродови лица, од кои само мал број се охрабриле да почнат постапка. Во тек се шест постапки пред институциите и судовите, како и пред Европскиот суд за човекови права. Некои од овие постапки се почнати уште во 2011 година и сé уште не се решени“, вели Бошкова.

    Според неа оваа одлука ќе ги охрабри другите трансродови луѓе да поведат постапка за правно признавање на родот и ја повика Управата за водење матични книги, веднаш да ја спроведе пресудата и да ја направи промената во матичната евиденција на ова лице.
    „Од исклучителна важност е Управата да ги усвои тековните и идните барања на трансродовите луѓе, за да се избегнат долготрајните процедури и талкањето по правните лавиринти“, вели Бошкова.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари