УЧЕНИЦИ И СТУДЕНТИ ШТО БИЛЕ ВО ИТАЛИЈА И КИНА ДА НЕ ОДАТ НА НАСТАВА, АПЕЛИРА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

    УЧЕНИЦИ И СТУДЕНТИ ШТО БИЛЕ ВО ИТАЛИЈА И КИНА ДА НЕ ОДАТ НА НАСТАВА, АПЕЛИРА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕМинистерството за здравство апелира во случај на појава на симптоми, граѓаните да не шетаат по јавноздравствените институции, туку да ги повикаат надлежните епидемиолози за да биде организирана мобилна екипа што ќе ги прегледа во домашни услови. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерството за образование и наука (МОН) апелира до вработените во образовни установи, ученици и студенти кои изминативе две недели престојувале во некои од ризичните земји каде има заболени од коронавирус да не одат на работа или на настава.

    Од кабинетот на министерот Арбер Адеми велат дека им се дадени насоки на образовните установи во најкус рок да обезбедат информации од сите свои вработени, ученици и студенти – дали во последните 2 недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: Ломбардија, Венето, Емилија Ромања и Пиемонт во Италија, како и во Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Макао, Филипини, Јужна Кореја, Сингапур и Тајван.

    „Лицата кои ќе дадат потврдна информација потребно е да не доаѓаат на работа, односно да не посетуваат настава, додека не добијат соодветни инструкции, односно совети за следни чекори што ќе треба да ги направат зависно од ситуацијата и од планот на надлежните здравствени институции и Владата“, велат од МОН.

    На вчерашната 11. седница на Владаа, во врска со заштита на јавното здравје во услови на брзо ширење на коронавирусот на глобално ниво, Министерството доставило до до основните и средните училишта во земјата, универзитетите, јавните научни установи и другите образовни институции, детални насоки за постапување со цел заштита на учениците, студентите и вработените од евентуално заболување и понатамошно пренесување на овој вирус.

    Министерството побарало од менаџментите на училиштата, универзитетите, јавните научни установи и сите други образовни институции да ја подигнат хигиената на највисоко ниво во сите простории каде има честа фреквенција на луѓе.

    Владата на вчерашната седница им наложи на образовните установи да ги одложат планираните патувања и екскурзии на ученици, студенти и вработени во Италија.

    Министерот за здравство Венко Филипче попладнево објави дека 50-годишна жена е прва заразена Македонска со коронавирус. Таа во земјава влегла утрово во 3 часот по полноќ со комбе на граничниот премин Табановце. Жената е на Инфективната клиника во Скопје и е во стабилна состојба, рече Филипче, а пак деветмината сопатници од комбето се во домашна изолација и под полициски надзор.

    Министерот Филипче побара од газдите на фирмите кои имаат работници кои патувале во Италија, да им дозволат да не доаѓаат на работа туку да работат од дома во период од 14 дена, колку што трае периодот на инкубација.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари