Само 11 ученици од 292 кои полагаа приемен испит во скопската гимназија „Орце Николов“ имаат одличен успех на тестот. Најголем број од децата кои основното образование го завршиле со сите петки, имале резултати на тестирањето со добар успех. Професорите со кои комуницираше САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека резултатите на тестирањето се разочарувачки и просекот е просечен, а станува збор за ученици кои конкурирале со просек 5.00.
Во понеделникот, во гимназијата за првпат се спроведуваше квалификационен приемен испит поради поголемиот број на пријавени ученици со сите петки. Во гимназијата годинава се отворени 285 места, а во првиот уписен рок се пријавиле 353 ученици, од кои 337 со сите петки. Бидејќи има 52 ученици повеќе со 75 поени, Министерството за образование донесе одлука да се полага приемен испит. Беа тестирани 292 ученици кои полагаа математика и македонски јазик за осмо одделение кога наставата беше онлајн и деветто одделение. Тестот по математика носеше максимум 100 поени, а по мајчин јазик максимум 70 поени.
Според резултатите од тестирањето објавени на веб страната на гимназијата и истакнати на влезната врата на училиштето, ниту еден ученик не освоил максимален број бодови. Од вкупно 170 бодови, над 129 бодови што се смета за одличен успех или оценка 5 освоиле 11 ученици, односно само 3,76% од тестираните, многу добар успех од 107 до 129 бода имаат 39 ученици или 13,36% од тестираните. Најголем број од учениците 133 или 45,55%, на приемниот испит добиле тројка или добар успех со освоени од 67 до 106 бода. Доволен успех со освоени од 45 до 66 бода имале 70 ученици, односно 23,97% од тестираните, оценка единица или недоволен успех со освоени под 45 бода имаат покажно 39 ученици, односно 13,36% од тестираните.
За наставниците со кои контактираше САКАМДАКАЖАМ.МК од основните училишта ваквите разулатите не се воопшто изнанадување, туку реална слика на она што се случува во нашето образование.
„Кога двојките во текот на цела учебна година на крајот стануваат петки ќе имаме вакви резултати. Одлични со сите петки поминуваат ученици кои цела година не доаѓаат на школо, ученици кои ниту една петка не добиле по одреден предмет, но на крај се бара оценката да се поправи. Ако ги видите електронските дневници и свидетелствата на крајот на годината ќе мислите дека не станува збор за истите ученици“, вели наставничка која 40 години предава во скопско училиште и е пред пензија.
„Петките се добиваат со услуга. Денешниот образовен систем е сведен на телефонски повик од овој доктор, од оној директор, од познат бизнисмен и слично за на детето да му се стави петка. И така учениците поминуваат со сите петки, а родителите после плачат зошто децата да им полагаат приемен тест. Па, ако се со успех 5.00 зошто тогаш се плашат. Но еве, последното тестирање во гимназијата ‘Орце Николов’ ги извади на површина овие проблеми“, додава наставничката која е позната на редакција.
Годинава, приемен испит освен во гимазијата „Орце Николов“ се полагаше и во медицинското училиште „Д-р Панче Караѓозов“.
А. АНТЕВСКА