УКРАДЕНИТЕ ПАРИ ОД ПАРТИСКИ ЧЛЕНАРИНИ И ОД РЕКЕТИРАНИ ФИРМИ, ГРУЕВСКИ ГИ ИСПРАЛ ПРЕКУ ОФШОР ФИРМИ И ГИ ПРИКАЖАЛ КАКО СТРАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА

    УКРАДЕНИТЕ ПАРИ ОД ПАРТИСКИ ЧЛЕНАРИНИ И ОД РЕКЕТИРАНИ ФИРМИ, ГРУЕВСКИ ГИ ИСПРАЛ ПРЕКУ ОФШОР ФИРМИ И ГИ ПРИКАЖАЛ КАКО СТРАНСКА ИНВЕСТИЦИЈАЗа плацевите на Водно на Груевски беа пуштани „бомби“, во кои се слушна како тој вели дека се продаваат „за џабал'к“. - Обвинителката Лиле Стефанова и обвинетиот Орце Камчев (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката Лиле Стефанова во воведен збор за сложениот случај за плацевите на Водно на Никола Груевски објаснуваше како поранешниот премиер испрал 1,2 милиони евра преку офшор фирми од Белизе и Панама.

    Деталите што ги спомна за тоа како се движел текот на украдените пари на членови на партијата, но и на фирми од Македонија, на пример како прво ги складирал во сефови, а потоа ги вадел и електронски ги префрлал на фирмата ќерка на фирма од Белизе, предизвикаа молк во судницата.

    Стефанов откри и детали за тоа како Груевски ја злоупотребил моќта да го смени Генералниот урбанистички план (ГУП) на Град Скопје и Деталниот урбанистички план (ДУП) на Општина Центар, за да ги земе плацевите преку офшор фирмите, отворени за таа намена, преку сообвинетите блиски луѓе по крвно сродство и по бизнис интереси: првиот братучед Сашо Мијалков, кумот Ристо Новачевски, бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, адвокатот на Орка Холдинг Ненад Јосифовиќ.

    „Груевски стекнал имот, но го запишувал на туѓи имиња. Сведоци кои купувале за него имот, го регистрирале на име на фирми кои ги отварале специјално само за таа намена. Овој човек кој го негуваше имиџот дека нема ништо на свое име, дека живее во стан на мајка си и има само заштеда од плата, купил станови на име на сведоци. Ќе ги чуете, ќе сведочат тука”, го почна Стефанова  воведниот збор.

    Таа кажа дека Груевски првин купил плац на Водно на туѓо име, до куќата на Вилма Трајковска, сопруга на покојниот претседател Борис Трајковски.

    „Ќе дојде сведок што го купил на негово име, ќе каже како го купил на јавно наддавање во Министерството за транспорт и врски за само 100 илјади евра. Го најдовме и планот за палатата во барокен стил”, кажа таа.

    И во Крушево купил плац за себе. Таму претходно влијаел да се смени ДУП-от.

    „Ќе докажеме како влијаел да се пробие шума и да изгради пат. Овој имот не го пријавил во својот анкетен лист”, потенцира обвинителката.

    „Првообвинетиот Груевски дознава дека на Водно се продаваат плацеви, што би рекол во разговорите ‘за џабал’к’. Ќе се сетиме на разговорите кога Силвана Бонева му вика дека во Струмица сè е изрекетирано. Тој ѝ вели дека тоа е спонзорство. Списокот на ‘спонзори’ го знаел само Груевски. Потоа парите ги распоредувал во сефови во банки, најмногу во Кипар и Швајцарија, на име на офшор фирми, а другите на членови кои никогаш не донирале во ВМРО-ДПМНЕ”, ја раскажува Стефанова целата шема на тогашниот премиер.

    Кога дознал за 11-те илјади метри квадратни „за џабл’к“, се насочил и на тоа земјиште, иако си нашол плац за себе до Вилма Трајковска.

    „Земјиштето било класа шума. Му се брзало и почнал да бара начин како да го купи на туѓо име. Му се јавил на Сашо Мијалков, негов прв братучед, тогашен директор на УБК. Мијалков знае дека овој како премиер нема заработени 1,2 евра, но се зафаќа да му помогне и да се прикрие неговото име како иден сопственик на 11.000 метри квадратни на Водно, што им се намерачил да ги купи”, рече Стефанова.

    Сашо стапил во контакт со Ненад, побарал фирма, офшор компанија регистрирана за потребите за купување на плацевите на Никола Груевски.

    Мијалков бил задолжен за прибавување документација за фирма која ќе се јави како купувач. „Сиван анлимитед” од Белизе е таа фирма. Тука ја регистрираат „Сирах инженеринг“, како фирма ќерка на таа од Белизе. За управител е поставен Ристо Новачевски.

    „Нема тука непознати судија, само блиски луѓе на Груевски”, продолжи таа.

    Парите ставени на име на офшор компании, Груевски електронски ги префрлил на „Сирах инженеринг“. Во тоа му помогнал Ристо Новачевски, управителот на компанија.

    „Новачевски потпишувал, ги префрлал парите на сметките на продавачите на плацевите, ги купил место Груевски. Земјиштето од класа шума, било преименуван во градежно земјиште. Претходно биле изменети и ГУП на Скопје и ДУП на Центар” рече Стефанова.

    Во 2015 година почнуваат да се пуштаат прислушуваните разговори. На обвинетите им се брза.

    „За да се прикрие сопственикот Груевски, се договараат земјиштето фиктивно да се пренесе на ‘Орка Холдинг’. Претходно било претставено како странска инвестиција во Македонија на ‘Сирах’. Камчеви купуваат удел во ‘Сирах’. Им помага Ненад Јосифовиќ.
    Го фалсификуваат потписот на Јосифовиќ, и прават договор за купопродажба на уделот, не на целата фирма, во износ од 1,3 милион евра”, одеше по ред Стефанова.

    Обвинетите Камчев и мајка му прават втор договор, сега уделот се продава за 1,5 милион евра.

    „Ниту еден денар не се исплатил на наводниот сопственик ‘Сирах’. Според доказите добиени од меѓународната правна помош, ‘Орка Холдинг’ уплаќа на ‘Сирах’. Истите пари ги плаќа на офшор фирма ‘ГГ Груп’ од Панама. Нејзини сопственици се Јордан Камчев и Ненад Јосифовиќ. Останатиот дел се враќаат во ‘Орка Спорт’, а потоа на ‘Орка Холдинг’. Се врти кругот на прикривање”, заврши Стефанова.

    „Обвинетите со умисла ги сториле перењето пари и помагањето во перење пари. Барам од судот да бидат осудени“, рече Лиле Стефанова и додаде:

    „До денеска овој имот е на Никола Груевски, а обвинетите Камчеви го прикриваат тоа”, ги погледна таа обвинетите мајка и син Камчеви.

    Воведните зборови на обвинетите се во понеделник.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира