Унгарија ќе го третира случајот со бегството и политичкиот азил на поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски како правно прашање, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од дипломатски извори, кои не сакаат да бидат цитирани затоа што не се овластени да даваат изјави за јавноста.
Двете страни се воздржуваат од давање политички изјави повикувајќи се на тоа дека барањето за екстрадиција веќе не е во рацете на Владата на Виктор Орбан, туку на судските власти.
Попладнево во седиштето на НАТО во Брисел се сретнаа министрите за надворешни работи на Унгарија и на Македонија Петер Сијарто и Никола Димитров. Но, ниту македонската, ниту унгарската делегација што се присутни на министерскиот состанок на НАТО не сакаа да даваат официјални изјави за новинарите. Од унгарската делегација за македонските новинари кои бараа средба со Сијарто им беше речено дека бил многу зафатен со активности на дводневниот самит, а од Кабинетот на министерот Никола Димитров дадоа соопштение без детали за разговорот.
И генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера рече дека случајот со избеганиот поранешен премиер, осудениот Никола Груевски не е предмет на НАТО и дека тоа прашање треба да си го решат сами Будимпешта и Скопје.
Кабинетот на министерот Димитров по средбата со Сијарто објави соопштение дека Македонија ќе ги искористи сите правни можности за соочување на Груевски со правдата во Македонија, а Сијарто ја повторил поддршката на Унгарија за европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи се вели дека случајот со Никола Груевски е „предизвик за билатералните односи меѓу Република Македонија и Унгарија, кој го третираме со голема внимателност и во согласност со принципите на владеење на правото кон кои Македонија се стреми, а да се остане посветен на патот кон одржување на односите меѓу двете земји“.
Македонија има преземено обврски од Европскиот совет сите случаи што произлегуваат од незаконското прислушување да добијат правна разврска. Азилот што Груевски го доби токму од земја – членка на ЕУ ги комплицира судските процеси што се во тек.
Г. МИХАЈЛОВСКИ