УШТЕ ДВЕ ЛИЦА БЕЗ МАТИЧЕН БРОЈ И ИЗВОД НА РОДЕНИ ПОЧИНАЛЕ ПОКРАЈ МАТУРАНТОТ ТОНИ САЛИ, СОБРАНИЕТО ЌЕ ГО ПРОДОЛЖИ РОКОТ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

    УШТЕ ДВЕ ЛИЦА БЕЗ МАТИЧЕН БРОЈ И ИЗВОД НА РОДЕНИ ПОЧИНАЛЕ ПОКРАЈ МАТУРАНТОТ ТОНИ САЛИ, СОБРАНИЕТО ЌЕ ГО ПРОДОЛЖИ РОКОТ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕДосега само една третина од лицата кои немале лични документи се запишани во Посебната матична книга и тоа не е доволно, вели министерот за правда Бојан Маричиќ. (Фото: СДК.МК)

    Уште две лица без матичен број, покрај матурантот Тони Сали од Скопје, родени во Македонија, починаа како да не се родиле и да не постоеле никогаш. Лицата се Роми. Денеска предлог-измените на Законот за изменување и дополнување на Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, со кој им се дава можност на овие лица да се пријавуваат уште цела една година, е прифатен и од Законодавно-правната комисија во Собранието.

    Целото Собрание застанува зад сограѓаните, доминантно Роми, кои живеат пеколен живот како фантоми, без матичен број, без документи и без никакви човекови права. Останува наредната недела пратениците и да ги изгласаат овие измени, по скратена постапка.

    Овој закон за пријавување на лицата без идентитет еднаш беше продолжен. Пријавувањето требаше да заврши на први јуни, а Собранието го продолжи рокот само до први јули и со тоа не се заврши работата. Сега државата и овие лица ќе имаат дополнителна година за барање, наоѓање, евидентирање пријавување на лицата кои немаат никакви човекови права, почнувајќи од здравствената и социјалната заштита и правото на образование. За свој дом, вработување и нормален живот, пак, не станува збор.

    „За решавање на проблемот на неевидентираните лица, Владата иницираше и започна акција за нивно запишување во матичните книги, со цел овие граѓани да ги стекнат сите останати права. Досега, една третина од лицата кои немале лични документи го имаат стекнато ова право, а целта е до почетокот на пописот речиси сите лица да бидат впишани во посебната книга на Управата за водење на матични книги“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК министерот за правда Бојан Маричиќ.

    Иницијативата за продолжување на рокот за евидентирање на популацијата без матичен број и извод на раѓање е на пратеничката Љатифе Шикоска.

    Досега се евидентирани околу 700 вакви лица, со теренска работа. А се претпоставува дека има многу поголем број лица без матичен број. Од нив, околу 200 се веќе впишани во Посебната матичната книга на родени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира