УСТАВНИТЕ СУДИИ ЕДНОГЛАСНО ЈА ПРИФАТИЈА ИНИЦИЈАТИВАТА НА ОБВИНИТЕЛКАТА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ПРОТИВ ДЕЛОВНИКОТ НА СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ НАПРАВЕН ЗАРАДИ СЕБЕУНАПРЕДУВАЊЕ

    УСТАВНИТЕ СУДИИ ЕДНОГЛАСНО ЈА ПРИФАТИЈА ИНИЦИЈАТИВАТА НА ОБВИНИТЕЛКАТА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ПРОТИВ ДЕЛОВНИКОТ НА СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ НАПРАВЕН ЗАРАДИ СЕБЕУНАПРЕДУВАЊЕРистоска беше оценувана дури и кога беше на породилно отсуство со близнаци, па ѝ беше забележано дека во тој период немала сработено предмети, и доби случај против Советот пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд денеска едногласно ја прифати иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска да се поведе постапка за испитување на уставноста на Деловникот на Советот на јавни обвинители, кој пропишува дека иако не работат на предмети, додека се 4 години на функција во Советот стажот им се смета како позитивно оценет. Со таа висока позитивна оценка, член на Советот на јавни обвинители од редот на обвинителите, кога ќе излезе оттаму, може да конкурира за унапредување.

    Но, како и Ристоска, така и Уставниот суд смета дека тоа не е во ред и одлучи да поведе постапка против оспорените одредби.

    Се поведе постапка за оценување на член 4 став 7 од Деловникот за работа на Советот за јавни обвинители, кој вели дека мандатот на членовите на Советот избрани од јавните обвинители влегува во позитивно оценет јавно-обвинителски стаж освен во случаи предвидени во член 35-а од Законот за Советот на јавните обвинители. Во иницијативата е наведено дека оспорената одредба е во спротивност со Амандманот XXX од Уставот, членот 7 од Законот за Совет на јавни обвинители и членовите 36 и 62 од Законот за јавното обвинителство.

    Ристоска наведува дека за времетрањето на мандатот, членовите на Советот на јавни обвинители избрани од редот на јавните обвинители не вршат јавно-обвинителска функција и не може да бидат оценувани, односно тие во конкретниот период не може да реализираат „позитивно оценет јавно-обвинителски стаж”. Тврди дека станува збор за прашање кое не може да се уредува со Деловник, бидејќи изворно не е уредено со законски пропис, па се остава впечаток дека членовите сами си доделиле право и поволност кои законодавецот не им го гарантирал.

    „Од ова придобивка имаат самите членови кои по завршување на мандатот во Советот на јавни обвинители се унапредени во повисоки позиции во јавните обвинителства“, се наведува во иницијативата.

    Ристоска беше оценувана дури и кога беше на породилно отсуство со близнаци, па ѝ беше забележано дека во тој период немала сработено предмети. Таа доби случај против Советот пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

    Само затоа што таа го критикуваше гласно и јавно Советот на јавни обвинители, беше сменет Кодексот на обвинителите, им се забрани да зборуваат без одобрение на шефот. Под притисок на домашната и меѓународната јавност, таа цензура потоа беше повлечена.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира