УСТАВНИТЕ СУДИИ СИ ГИ СПАСИЈА ПЛАТИТЕ, НО ЈА ПОНИШТИЈА УРЕДБАТА ЗА РАЗДОЛЖУВАЊЕ СО СЈО, ПОРАДИ ШТО ВРАБОТЕНИТЕ ЌЕ ЈА ТУЖАТ ДРЖАВАТА

    УСТАВНИТЕ СУДИИ СИ ГИ СПАСИЈА ПЛАТИТЕ, НО ЈА ПОНИШТИЈА УРЕДБАТА ЗА РАЗДОЛЖУВАЊЕ СО СЈО, ПОРАДИ ШТО ВРАБОТЕНИТЕ ЌЕ ЈА ТУЖАТ ДРЖАВАТАВработените економисти, правници, ИТ експерти, истражители и техничка служба, во разговор со САКАМДАКАЖАМ.МК прашуваат зошто на партијата ВМРО-ДПМНЕ ѝ пречат токму тие, а никогаш обвинителите од СЈО со кои заедно работеа, а кои не останаа ни ден без плата, бидејќи веднаш беа вратени во редовното Обвинителство. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд ја поништи владината уредба за раздолжување со Специјалното јавно обвинителство (СЈО), за враќање без камата на долговите за кирија, струја, вода, парно, телефони, интернет и за платите на 92-та истражители и вработени кои до скоро работеа на над 100 незатворени истраги. Има опасност да мораат да ги вратат и платите кои досега успеале да ги земат со присилна наплата од парите останати во нивниот буџет, бидејќи одлуката на Уставниот суд е поништувачка, а не укинувачка. Ако се случи тоа, парите тие ќе си ги бараат по судски пат, а државата ќе треба да им враќа со камата.

    СЈО ќе згасне официјално, со закон, дури на 30 јуни, оти така изгласа Парламентот.

    Со оваа одлука на Уставниот суд, која беше на иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, нема да може да им се плаќаат придонеси на вработените. Никој од нив не може да се врати на работните места во МВР, Министерство за правда и редовното Обвинителство, зашто институцијата повторно нема потписник. Двата празни дуќана во зградата на СЈО не може да се вратат на сопствениците, а кирија за нив ќе продолжи да се книжи. Ќе се таложи и кирија за зградата.

    Со уредбата за ублажување на последиците од враќање со камата, предвидено беше овластен потписник за целото раздолжување да биде Државниот обвинител Љубомир Јовески.

    Вработените (економисти, правници, ИТ експерти, истражители и техничка служба) во разговор со САКАМДАКАЖАМ.МК прашуваат зошто на партијата ВМРО-ДПМНЕ ѝ пречат токму тие, а никогаш обвинителите од СЈО со кои заедно работеа.

    „Обвинителите не останаа ни ден без плата, а чудно е што за нас се буни партијата“, велат вработените.

    Овие луѓе, кои беа машинеријата која стои зад обвинителите во СЈО и без кои ним ќе им беше потешко да ги истражуваат случаите на криминал, нема автоматски да бидат преземени во Јавното обвинителство на РСМ, кога ќе стапи законот на сила на 30 јуни. Ќе мора да конкурираат на огласите кои ќе ги распишува Обвинителството.

    Од Јавното обвинителство велат дека идната недела ќе се одржи состанок во Министерството за правда за да се најде решение како да се платат комуналните долгови, да се спаси струјата во зградата, зашто таму се сефовите со докази и „бомби“, како да се ублажат последиците од натрупаните долгови кон институцијата која уште не е згасната.

    СЈО беше формирано од политичките партии на 15 септември 2015 со прв мандат од 5 години, но истите тие партии на чело со ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ му дадоа живот едвај 4 години.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари