ВАКЦИНИ ПРОТИВ КОРОНАВИРУС ЗА 1,2 МИЛИОНИ ГРАЃАНИ ВО ЗЕМЈАВА ЌЕ СТИГНАТ ОД ТРИ МЕСТА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ВАКЦИНИ ПРОТИВ КОРОНАВИРУС ЗА 1,2 МИЛИОНИ ГРАЃАНИ ВО ЗЕМЈАВА ЌЕ СТИГНАТ ОД ТРИ МЕСТА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕПреку Ковакс механизмот, на крајот на месецов прво ќе стигне вакцината на „Фајзер“, рече денес Филипче. (Фото: К. Попов)

    Ќе стигнат вакцини против ковид-19 за 1,2 милиони граѓани во земјава, што значи ќе се опфати скоро 60 отсто од населението, што се претпоставува дека е доволно за да се создаде колективен имунитет, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче.

    Филипче рече дека во земјава треба да стигнат три пратки од по 800.000 дози со вакцини од три места, преку Ковакс механизмот, преку директните преговори со „Фајзер“ и преку Европската Унија. Вчера стигнало писмо од Ковакс механизмот, преку кој Македонија има обезбедено 833.000 дози вакцини со кои ќе се вакцинираат 400.000 граѓани, за што се одвоени 7.9 милиони евра, и тие можно е да стигнат на крајот на јануари, или почетокот на февруари. Крајниот рок до кој земјава треба да ја испрати документацијата е 18 јануари. Преку овој механизам, како што рече министерот, прво ќе стигне вакцината на „Фајзер“, а потоа на вакцината на Универзитетот Оксфорд и  „АстраЗенека“.

    Со „Фајзер“ се договорени 800.000 дози, првите 5.850 дози од овие вакцини треба да стигнат во февруари, во март треба да стигнат уште 17.550 и најмалку уште толку во април, и останатите до крајот на годинава.

    „Аплициравме и добивме поддршка од Канцеларијата на ЕУ дека ќе добиеме грант од ЕУ од одреден процент од земјите членки“, рече Филипче по посетата на Клиниката за гинекологија и акушерство, по повод адаптацијата на нов простор за Дневната болница и салата за киретажа.

    Филипче оцени дека состојбата со ковид-19 во земјава е стабилна и продолжува трендот на намалување на заболени и хоспитализирани, а за сѐ почестите барања од угосителите да им се продоложи работното време до 23 часот, рече дека каква одлука и да се донесе, ќе важи после 21 јануари. Владата минатиот месец донесе одлука кафеаните и угостителските објекти да затвораат до 18 часот, и таа мерка со цел да се спречат групирањата да важи до 21 јануари.

    На новинарско прашање зошто е затворена монтажната болница до Инфективната клиника, министерот кажа дека таа одлука е донесена оти била попрактична и за лекарите и за медицинските сестри.

    „Здравствените услуги на Интерните клиники не престанаа. Но, се одвиваа физички во некои други делови од зградата. На некој начин медицинските сестри и лекарите не мораат да се ротираат и во модуларната болница. Оваа одлука беше попрактична и за лекарите, и за медицинските сестри. Модуларната болница може да биде отворена во секој момент, но јас искрено се надевам дека ќе нема потреба“, рече Филипче.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира