ВАШАТА ЗЕМЈА ЗАСЛУЖУВА ДА ГИ ПОЧНЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ БЕЗ ОДЛАГАЊЕ, МУ КАЖА МАКРОН НА ЗАЕВ

    ВАШАТА ЗЕМЈА ЗАСЛУЖУВА ДА ГИ ПОЧНЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ БЕЗ ОДЛАГАЊЕ, МУ КАЖА МАКРОН НА ЗАЕВЗаев и Макрон на прес-конференција во Елисејската палата. (Фото: Фејсбук/принтскрин)

    Францускиот претседател Емануел Макрон кажа дека Македонија заслужува да ги започне преговорите со ЕУ без одлагање, откако направи важни реформи во последните четири години, на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев во Елисејската палата во Париз.

    „Северна Македонија треба да влезе во ЕУ и знаете дека Франција целосно ве поддржува на тој пат. Понекогаш можеби сте мислеле дека сме тежок партнер кој што многу бара, но јас сакам да бидам искрен партнер и кога се обврзуваме на еден пат, треба да бидеме јасни до каде сакаме да стигнеме и не сакаме да ја оставиме земјата 5, 10 години да ја оставиме на пат кој што пат потоа ќе ѝ се чини невозможен. Затоа, ние сакавме ЕУ да создаде нова методологија, пополитичка, поефикасна и покредибилна за да се водат преговорите со земјите аспиранти. Затоа, ние одлучивме да ги отвориме преговорите за членство со вашата земја во месец март 2020, но, сега дојдено е време да се конкретизира таа одлука, а покасно ќе зборуваме за начините како да се постигне тоа и активно го поддржуваме изнаоѓањето на компромис со Бугарија. Во однос на вашите реформи кои беа спроведени под ваше водство од 2017 година, вашата земја заслужува да ги почне без чекање преговорите за членство. Франција ќе биде внимателен партнер и одблиску ќе ги следи работите“, изјави Макрон на заедничката прес конференција со премиерот Заев.

    На прес-конференцијата, Макрон се наврати и на Договорот од Преспа.

    „Преспанскиот договор чиј што творец сте вие драг Зоран, заедно со Алексис Ципрас, заслужува да биде оквалификуван како историски. Навистина докажавте голема политичка храброст за да го постигнете тоа, но исто така и да го убедите и вашиот народ и сакам тоа овде да го потсетам и да го поздравам. Овој договор според мене може да служи како пример, но и како инспирација за решавање на другите спорови во земјите од Западен Балкан и тоа впрочем е во духот на Преспанскиот форум кој што вие набрзо ќе го организирате“, рече Макрон.

    Заев, заедно со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи вечерва се во Париз на работна средба со Макрон. Со посетата се одбележуваат 28 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.

    Во март 2020, Европската комисија препорача безусловно почнување на пристапните преговори на ЕУ со Македонија, но Европскиот совет сè уште не ја усвојува препораката поради бугарското вето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира