Ватикан бара споменикот дивоградба на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија во Скопје да се доизгради, а спомен куќата на улица Македонија да биде управувана од Католичката црква. Ова било побарано од претседателот Стево Пендаровски при посетата на Ватикан на 24 Мај, на одбележувањето на Свети Кирил и Методиј.
Од кабинетот на Претседателот за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека на средбата со државниот секретар на Ватикан Пјетро Пароли биле отворени одредени прашања поврзани со статусот и правата на верниците од католичка вероисповед од земјава, не прецизирајќи што конкретно било побарано.
„По враќањето во земјата претседателот барања на Светата Столица ги пренесе на надлежните институции во државата за натамошно постапување“, велат од кабинетот на претседателот Пендаровски.
Пендаровски за барањата од Ватикан го известил Министерството за надворешни работи од каде што деновиве испратено е писмо до Министерството за култура, Град Скопје и Општина Центар.
„При посетата на претседателот Стево Пендаровски на Светата Столица во рамките на одбележувањето на 24 Мај, од ватиканска страна беа покренати прашања за статусот на меморијалниот споменик на Мајка Тереза во Скопје, како и изградба на светилиште во нејзин спомен. Светата Столица бара меморијалната спомен куќа да биде управувана од Католичката црква (одржување на миси и католички верски обреди) и да се заврши проектот за изградба на светилиште во родниот град“, стои во писмото на МНР.
Од Министерството за култура под чија надлежност е споменикот ги потврдуваат ваквите барања од Ватикан и велат дека предметот е во процес на разгледување и консултации. Од Град Скопје и Општина Центар ни рекоа дека немаат добиено писмо со барањата од Ватикан.
Споменикот на Мајка Тереза прекршува низа закони и ја загрозува безбедноста бидејќи се наоѓа на улица и го блокира влезот на Плоштадот. Кога почна да се гради беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот.
Откако Рој отиде во затвор во Индија оти не платил оштета на измамени инвеститори, Владата на Груевски преку Министерството за култура и тогашната министерка Елизабета Канческа-Милевска го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015, а вредноста на договорот за негова изградба е 5,5, милиони евра.
Власта на СДСМ која како опозиција жестоко го критикуваше овој проект и вели дека го слуша гласот на народот и стручната јавност пет години не сака да ја отстрани бетонската градба. Постојано се наоѓаат оправдувања дека се чекаат мислења од една и друга институција, дека Општина и Градот не се надлежни и дека Министерството за култура треба да ја донесе одлуката.
Премиерот Зоран Заев на 19 февруари на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК кажа дека го чуле гласот на народот и споменикот пролетва ќе се отстрани. Но, од изјавата на Заев помина половина година и не само што споменикот не е урнат, туку постапките за отстранување не се мрднати од место.
А. АНТЕВСКА