По наредба на Јавното обвинителство на Кочани, вечерва почна апсење на нова група лица поврзани со пожарот во тамошната дискотеката „Пулс“ на 16 март, кога во пожарот што избувна за време на концертот на групата ДНК, изгореа или беа згмечени и затруени од чадот 59 младинци и деца, а 178 се повредени.
Неофицијално, по претресите обавени вчера во просториите на Општина Кочани, вечерва е уапсен и градоначалникот Љупчо Папазов. Досега тој имаше само исказ дадено пред обвинител и беше дома. Според она што ги најавија Обвинителството и МВР, апсењето ќе продолжи ноќеска, а официјални информации ќе има утре.
Од вечерва Папазов веќе не е достапен на телефон. Тој на 16 март даде изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК по големата трагедија и беше цело време достапен. Ни полицијата ни Обвинителството не сакаат да кажат ништо, не само за градоначалникот и за тие што се апсат вечерва, туку и за сите досега уапсени и притворени (на 48 часа и на 30 дена).
Апсењето почна по завршување на денешниот масовен погреб на 59-темина загинати, во еден од најтешките денови од поновата историја на Македонија. Според Обвинителството, од 59 загинати, 3 се на возраст од 16 години, 3 на 17, 4 на 18, 1 на 19, 2 на 20 години, 6 на 21, 2 на 23, 7 на 24 години, 3 на 25, 7 на 26 години, 2 на 27, 1 на 29, 3 на 30, 2 на 31, по 1 на 32 и на 33 години, 4 на 36, 2 на 38, 1 на 43, 2 на 44, 1 на 47 и 1 на 48 години.
Вчера Судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вечерва им одредија мерки притвор по 30 дена на секој од уапсените 7 началници и инспектори од СВР Штип и од Полициската станица Кочани која е под ова СВР.
Сите се осомничени за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, за кое е пропишана затворска казна од три години до 20 години.
За дискотеката „Пулс“ во Кочани имало пријави во полиција за кривични дела и нарушување на јавен ред и мир, но и покрај тоа во 2023 година била издадена лиценца, а полициските службеници кои денес се уапсени дале позитивно мислење дека ги исполнува сите услови. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конференција кажа дека службените лица вработени во СВР Штип и ПСО Кочани изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
Според она што го кажа денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, првиот, како главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција во СВР Штип, и вториот, како самостоен инспектор за планирање резервен состав, превенција и справување со кризни состојби, констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај. Третиот, како началник на Одделение за полиција во СВР Штип, и четвртиот како началник на СВР Штип, одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во кое е констатирано дека кабарето ги исполнува законските услови и со тоа што не извршиле целосна проверка пред да го издадат мислењето сториле незаконитост.
Петтиот, како документарист во Полициска станица на Општина Кочани, изработил телеграма во која не навел точни податоци дека во близина на кабарето има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, додека шестиот како заменик-командир и седмиот како началник на Одделение за внатрешни работи Кочани, иако знаеле дека има повеќе нарушувања на јавен ред и мир во кабарето и во близина на кабарето, ја потпишале и одобрилетелеграмата. Со тоа, како службени лица не постапиле согласно прописите и мерките за заштита и не извршиле целосна проверка и со тоа предизвикале опасност по животот на луѓето.
Со изготвување и потпишување на незаконски документи придонеле да се случи катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Се работи за лиценцата издадена во 2023 година.
Досега притвор е одреден за 25 лица, а вчера беше приведено и едно одговорно лице во Министерство за економија.
Судијата го прифати предлогот на ОЈО и на сите 7 осомничени им определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1, 2 и точка 3 кај одредени осомничени, односно опасност од бегство, поради околности кои укажуваат дека ќе ја попречат истрагата со влијание врз сведоци и околности кои укажуваат дека може да го повторат делото. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Од 59-те загинати, 43 се од Кочани, по пет лица се од Скопје и Штип, тројца од Пробиштип, двајца загинати се од Виница и едно лице е од Струмица. Шестмина од починатите се малолетници. Од повредените 178 лица, 64 се во државните болници во Македонија, 13 се во приватните болници, a во моментов 101 пациент се лекува во странство.
С. К. ДЕЛЕВСКА