Поранешниот директор на УБК Зоран Верушевски е во владината делегација што го придружува премиерот Зоран Заев на официјалната посета на Израел.
Од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека Верушевски го придружува Заев во функција на советник за национална безбедност на премиерот на Република Македонија.
Поранешниот директор на УБК Зоран Верушевски му ги предал на Зоран Заев нелегално прислушуваните материјали што ги добил од двајцата припадници на УБК, Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски. Сите четворица беа обвинети во предметот „Пуч“ за неовластено прислушување, шпионирање и насилство спрема највисоки претставници на власта. Костовски се спогоди со Основното јавно обвинителство и по признавање на вината доби затворска казна од три години, а Верушевски и Лазаревски поминаа по 11 месеци во притвор во Шутка.
Додека тројцата разузнавачи беа зад решетки, Заев ги објавуваше разговорите, кои што потоа доведоа до потпишување на Договорот од Пржино и формирањето на Специјалното јавно обвинителство. СЈО го повлече предметот „Пуч“ откако го презеде од ОЈО со образложение дека нелегалното прислушување ќе се расветли со предметите „Таргет“ и „Тврдина“.
Во 15. бомба што ја презентираше Зоран Заев на прес-конференција на 1 април 2015 година, имаше разговори меѓу ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, поранешна вработена во УБК Светлана Костова, сега судијка во Вишиот управен суд и Израелецот Хаим Хакеини. Според изнесеното на прес-конференцијата, станува збор за набавка на опрема за прислушување од Израел во вредност од 14 милиони евра, а Мијалков, како што кажа Заев, земал провизија од над два милиони евра.
М. ИЛИОСКИ