ВЕРУВАМ ДО НЕБОТО ДЕКА ЌЕ ДОБИЕМЕ ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ, НЕМА ПРИЧИНА ЗА ВОНРЕДНИ ИЗБОРИ БЕЗ ОГЛЕД КАКВИ ЌЕ БИДАТ ОДЛУКИТЕ, РЕЧЕ ЗАЕВ

    ВЕРУВАМ ДО НЕБОТО ДЕКА ЌЕ ДОБИЕМЕ ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ, НЕМА ПРИЧИНА ЗА ВОНРЕДНИ ИЗБОРИ БЕЗ ОГЛЕД КАКВИ ЌЕ БИДАТ ОДЛУКИТЕ, РЕЧЕ ЗАЕВОд неформалната средба меѓу претседателот Емануел Макрон и премиерот Зоран Заев на Самитот во Трст меѓу седум земји членки на Европската унија и шест земји од Западен Балкан на 12 јули 2017. (Фото: Фејсбук на Амбасада на Франција)

    Премиерот Зоран Заев вели дека до крај останува оптимист оти земјава ќе добие датум за почнување преговори со Европската унија и дека без оглед какви ќе бидат одлуките нема причина за вонредни избори. Тој рече дека не знае дали денес има нови заклучоци, ги знае тие што претходно на предлог на Финска како претседавач на Советот на ЕУ ги изготви телото што се вика Комитетот на постојани претставници (Корепер), односно амбасадорите во ЕУ на земјите-членки.

    Предлогот на финското претседателство е да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија, во меѓувреме да се усвои нова методологија за преговори која ја бара Франција, при што Меѓувладината конференција меѓу земјава и владите на ЕУ да се одржи најдоцна во првата половина од 2020. Амбасадорите вчера не ги усвоија заклучоците и за нив денеска во Луксембург расправаат министрите за надворешни работи во Советот на Европа, а ако и тие не ги усвојат, одлуката ќе ја донеаст лидерите на самитот в четврток и петок во Брисел.

    Според Заев, многу е значајно Македонија да добие чиста одлука за почеток на преговорите, а имаат целосно разбирање за потребата од воведување нова методологија во ЕУ во процесот на преговарање за која инсистира Франција.

    „Тоа на државите ќе им даде фер шанса со подобар перформанс да ги забрзаат преговарачките процеси, а сите оние кои нема да имаат успешни перформанси или ќе ги уназадуваат во одреден период да се вратат назад. Немаме проблем со такви методологии, кои ќе значат и реформа во Европската унија во поглед на проширувањето, но и за нас како земја, која е нова во почеток на преговорите. Не постои земја во последните 20 години која чекала вака одлука за почеток на преговорите, а направила повеќе од нас. Направивме повеќе во реформите, направивме повеќе на меѓународен план, билатерален план од секој можен аспект, навистина сме пример и очекувам Европа преку својата должност преку Европскиот совет, токму тоа ќе го направи. Верувам до небото дека ќе добиеме“, рече Заев.

    Тој рече дека заедно со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев попладнево заминува за Австрија, каде ќе има состаноци со стопанственици, а потоа заминува за Брисел.

    „На 17 октомври, пред состанокот на Европскиот совет има состанокот на сите премиери и ќе ја искористиме приликата да разговараме со сите премиери“, рече Заев.

    Тој рече дека не гледа причина за вонредни избори, без оглед какви ќе бидат одлуките од Брисел, во одговор на новинарско прашање што ако не добиеме датум за преговори. Според него, никој не нуди друга алтернатива освен интеграцијата во Европската Унија и НАТО.

    „За мене и крајот на октомври се редовни избори, затоа верувам дека какви и да се одлуките  причини за вонредни избори нема. Но, јас сум само еден, има и други политичари и политички партии“, рече Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира