ВИКАА КАДЕ Е МУКИ, КАДЕ Е ШИПТАРОТ, СИТЕ ЌЕ ВЕ УБИЕМЕ, СВЕДОЧЕШЕ ПРАТЕНИКОТ МУХАМЕД ЗЕКИРИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО

    ВИКАА КАДЕ Е МУКИ, КАДЕ Е ШИПТАРОТ, СИТЕ ЌЕ ВЕ УБИЕМЕ, СВЕДОЧЕШЕ ПРАТЕНИКОТ МУХАМЕД ЗЕКИРИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО„Влезе Влатко Ѓорчев и на мене и на Талат Џафери ни кажа дека се собирале групи луѓе на Бит Пазар, се подготвувале да тргнат наваму. Нè замоли да се јавиме да стопираме такво нешто. Почнавме да ѕвониме за да ги убедиме дека сме безбедни и состојбата е под контрола“, сведочеше пратеникот Мухамед Зекири на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 (Фото: СДК.МК)

    Од кабината каде што бевме скриени, видов како разгневената толпа ги напаѓа колегите пратеници со сѐ што ќе најде, а она што ми остави впечаток беше едно лице кое зад грбот држеше пиштол, во еден момент му падна пиштолот и се наведна да го земе, сведочеше денеска пратеникот Мухамед Зекири на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017. Одговарајќи на прашањата на обвинителката Вилма Русковска, Зекири рече дека кога толпата навлегла во Собранието, тој со дел од пратениците бил во галеријата на прес-центарот и дека лицето кое прво влегло кај нив било со црна беретка и радиостаница. Тој кратко се задржал, а потоа дошле поголем број луѓе кои го извикувале неговото име.

    „Каде е Муки, каде е Шиптарот, сите ќе ве убиеме, слушав од кабината каде бевме скриени со 4 колешки. Во еден момент, почнаа да ја отвораат вратата на кабината која ја блокиравме со стол и ја држевме. Фросина Ременски им рече, луѓе таму нема никој,таа врата стои постајано заклучена, па толпата се повлече“, сведочеше Зекири на денешното рочиште на судењето, во кое 33 се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.

    Пратеникот Зекири сведочеше дека во наредните два часа од галеријата гледал што се случува долу. Тој опиша дека лицето што носело пиштол на себе имало црна маица, со брада и без коса. Зекири видел уште две лица што носеле пиштоли, но подоцна дознал дека станува збор за собраниското обезбедување.

    „Во еден момент чув истрел, а куршумот видов дека заврши во таванот. Пукаше во таванот обезбедувањето на Оливер Спасовски. Тогаш толпата малку се смири“, раскажуваше Зекири.

    Тој сведочеше дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров и Влатко Ѓорчев дошле во прес-центарот, по што Тодоров бил избуткан и отстранет од толпата, а Ѓорчев застанал пред пратениците и ги бранел од нападите на толпата.

    Во кабината Зекири останал околу два часа по што слушнале шок бомба, според што знаеле дека конечно интервенирала полицијата. Потоа сите пратениците биле однесени во една од канцелариите, каде повеќето  биле со раскрвавени глави, а најтешко повреден бил обезбедувањето на Оливер Спасовски.

    „Откорнавме врата и легнат на неа неколку специјалци го изнесоа. Потоа влезе Влатко Ѓорчев и на мене и на Талат Џафери ни кажа дека се собирале групи луѓе на Бит Пазар, се подготвувале да тргнат наваму. Нè замоли да се јавиме да стопираме такво нешто. Почнавме да ѕвониме за да ги убедиме дека сме безбедни и состојбата е под контрола“, сведочеше Зекири.

    Тој рече дека цело време додека бил во кабината заедно со останатите пратеници стравувале за нивните животи, се прашувале како е можно да нема полициска интервенција.

    По директното испрашување од обвинителката Русковска, сведокот Зекири вкрстено го испрашуваа адвокатите на обвинетите. Поголем дел од нивните прашања беа одбиени, бидејќи не биле вкрстени туку дирекни.

    Денеска ќе сведочи и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој тоа време беше пратеник во Собранието.

    Утре ќе сведочат Зоран Заев, Оливер Спасовски, Никола Тодоров и Весел Мемеди.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира