ВИЦЕПРЕМИЕРОТ АНЃУШЕВ И МИНИСТЕРОТ ТАРАВАРИ НА СКОПСКОТО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ГОДИШНИНАТА НА НЕУСПЕШНИОТ ПУЧ ВО ТУРЦИЈА

    ВИЦЕПРЕМИЕРОТ АНЃУШЕВ И МИНИСТЕРОТ ТАРАВАРИ НА СКОПСКОТО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ГОДИШНИНАТА НА НЕУСПЕШНИОТ ПУЧ ВО ТУРЦИЈАДомаќинка на одбележувањето во Скопје беше турската амбасадорка во земјата Тулин Еркал Кара (Фото: СДК.МК)

     

    Вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за здравство Арбен Таравари денеска во Скопје присуствуваа на одбележувањето на првата годишнина од неуспешниот обид за државен удар во Турција, чиј домаќин беше турската амбасадорка во земјата Тулин Еркал Кара. Иако амбасадорката Кара вчера најави дека на одбележувањето ќе дојде и премиерот Зоран Заев, тој не беше во владината делегација.

    Претседателот Реџеп Тајип Ердоган го предводи одбележувањето во Анкара (Фото: АП)

    Турција денеска ја одбележува годишнина од неуспешниот лански пуч.  Според турските власти, организацијата ФЕТО на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, прогласена од безбедносните структури за терористичка, е одговорна за пучот извршен ноќта на 15 спроти 16 јули, кога турски војници објавија дека ја презеле власта во земјата, за да ја сочуваат демократијата, човековите права и правниот поредок, а на територијата на целата држава беше воведена воена состојба. Мостовите над Босфорот беа затворени, а летовите од и кон аеродромот „Ататурк“ откажани. Сепак, претседателот Реџеп Тајип Ердоган успеа да ги повика граѓаните да излезат на улиците за да ја заштитат демократијата во земјата, а рано изутрната на 16 јули началникот на турското разузнавање објави дека обидот за преврат е неуспешен. Во ноќта на пучот, загинаа 249 луѓе, а над 2.000 беа повредени.

    Вчера, Стејт департментот на САД издаде внимателно соопштение во кое рече дека „пред една година, храбри и посветени граѓани на Турција од сите средини и политички ставови ја бранеа својата демократија против обидот за државен удар“. Потврдувјќи ја „цврстата поддршка на САД за турската демократија и демократските институции“, Стејт департментот потсети дека „зачувувањето на демократијата бара упорност, толеранција, разногласие и заштита за основните слободи. Постојаните ограничувања на овие основни слободи ги поткопуваат темелите на демократското општество. Повеќе гласови, не помалку, се неопходни во предизвикувачки времиња“.

    Последица од неуспешниот пуч е јакнење на силата на претседателот Ердоган, кој  доби можност да носи закони без парламентарна контрола. Од прогласувањето на вонредната состојба беа објавени 24 извршни одлуки од претседателот. Опозициските партии во земјата ги критикуваат овие одлуки како недемократски и тврдат дека тие фактички го укинале парламентот.

    Претседателот Реџеп Таип Ердоган вчера објави дека во државата ќе почне „национално демократско бдеење“ и ќе трае до полноќ на 16 јули. Закажана е седница на парламентот со специјална програма. Попладне во Истанбул ќе почне поход на национално единство на Ердоган, ветерани од превратот и роднини на загинатите. Претседателот ќе има говор и ќе биде прикажан документарен филм за 15 јули. Ќе биде отворен и споменик на жртвите од неуспешниот пуч.

    Повеќе од 169 илјади луѓе се обвинети за врски со организацијата на Фетула Ѓулен, која, според владата, стоеше зад пучот. Според министерот за правда Бекир Боздаг, повеќе од 50 илјади луѓе биле уапсени, а по околу 8 илјади сѐ уште се трага. Илјадници институции беа затворени, меѓу нив универзитети, приватни училишта, здравствени домови, фондации и здруженија кои наводно имале врска со Ѓулен. Дополнително, 965 компании осомничени за врски со Ѓулен се најдоа на мета на властите. Според проценките на турските власти, од овие фирми биле запленети средства во висина од околу 10 милијарди евра. Иднината на 46,357 вработени во овие фирми останува неизвесна.

    Повеќе од 150 илјади јавни службеници беа суспендирани, а над 100 илјади отпуштени, отпуштени се околу 33 илјади учители, како и 10 илјади вработени во полицијата, 7,600 вработени во армијата, и 3,400 во правосудниот систем, 5,295 професори от кои над 100 се уапсени.

    Според Платформа 24, независна медиумска иницијатива, во моментов во затвор се 166 новинари во Турција. Пред пучот затворени беа 40 новинари. Турската влада тврди дека овие лица биле уапсени поради врски со движењето Ѓулен или се осомничени за активности поврзани со тероризам. Освен 24 медиумски организации кои успеаја да продолжат со работа по кусото затворање, 160 остануваат затворени и една година потоа, тврди Амнести Интернешнл.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари