ВКУПНАТА БРОЈКА НА АКТИВНИ СО КОРОНАВИРУС ПРВПАТ ПО 42 ДЕНА ЈА НАДМИНА БРОЈКАТА НА ОЗДРАВЕНИ

    ВКУПНАТА БРОЈКА НА АКТИВНИ СО КОРОНАВИРУС ПРВПАТ ПО 42 ДЕНА ЈА НАДМИНА БРОЈКАТА НА ОЗДРАВЕНИВо моментов се активни вкупно 1.687 случаи со коронавирус, а вкупно излекувани се 1.682, од кои денеска 18; - Од тестирање за КОВИД-19 со земање брис во мобилната амбулантна кола на клиниката „Жан Митрев“ во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Вкупната бројка на активни случаи со КОВИД-19 во земјава денеска ја надмина бројката на оздравени пациенти за првпат по 42 дена. Како што соопшти Министерството за здравство во моментов се активни вкупно 1.687 случаи, а вкупно излекувани се 1.682, од кои денеска 18.

    Првиот пресврт во корист на оздравените се случи на 30 април, кога вкупната бројка излекувани беше 738 и ја надмина бројката на активни случаи која беше 650. Министерството за здравство тогаш соопшти дека регистрира 111 излекувани во последните 24 часа.

    По 25 мај, кога бројот на заразени почна драматично да расте и да достигнува и над 120 дневно, сукцесивно се намалуваше и бројот оздравени пациенти.

    Од Центарот за јавно здравје велат дека сè уште нема релевантни податоци за да се утврди дали станува збор за втор бран на КОВИД-19.

    „Не можеме со сигурност да тврдиме дали е втор бран или порастот на заразени е предизвикан од непочитување на мерките за заштита што има размер на инцидент, или пак е комбинација на едното и на другото, бидејќи и во соседството почнаа да растат бројките. Во суштина, за втор бран може да зборуваме кога би се појавил зголемен број заразени, ама кога би се почитувале мерките“, ни рече прим. д-р Александар Стојанов, специјалист епидемиолог од Центарот за јавно здравје Скопје.

    Нови 175 случаи на КОВИД-19 се регистрирани во изминатите 24 часа од направени 971 тестирања, a регистрирани се уште пет починати како резултат на компликации од коронавирусот.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира