ВЛАДАTA ЈА ЗАМРЗНА ЦЕНАТА НА ЛЕБОТ НА 33 ДЕНАРИ И ЈА УКИНА СУБВЕНЦИОНИРАНАТА ЦЕНА НА СТРУЈА ЗА КОМПАНИИТЕ

    ВЛАДАTA ЈА ЗАМРЗНА ЦЕНАТА НА ЛЕБОТ НА 33 ДЕНАРИ И ЈА УКИНА СУБВЕНЦИОНИРАНАТА ЦЕНА НА СТРУЈА ЗА КОМПАНИИТЕПремиерот Димитар Ковачевски рече дека овие одлуки се донесени бидејќи компаниите не ги намалиле цените на основните производи и покрај антикризните мерки на Владата. (Фото: К. Попов)

    Владата на денешната седница ја замрзна цената на белиот леб на 33 денари. Исто така, донесена е одлука и да се укине субвенционирана цена на струјата за компаниите. Цената на лебот ќе биде замрзната до 31 мај оваа година.

    Како што кажа на денешната прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски, овие одлуки се донесени бидејќи компаниите не ги намалиле цените на основните производи и покрај антикризните мерки на Владата.

    Антикризните мерки ги носевме за да обезбедиме мирна и предвидлива есен и зима за граѓаните и компаниите во време на енергетска криза. Компаниите добија цена на струја преку ЕСМ пониска од берзанската. Помина доволен период од последниот пакет мерки за цените да се усогласат. Проверките на Пазарна инспекција покажаа дека иако компаниите добиваат субвенционирана електрична енегрија, цените не ги намалија или ги намалија незначително. Јас неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Затоа, на денешната седница оваа мерка ја укинавме. Производителите на основните прехранбени производи ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со струја“, рече Ковачевски.

    Со замрзнувањето на цената, белиот и полубелиот леб сечен и на париња или цел од 450 грама ќе биде 33 денари, а под 450 грама до 33 денари по леб во сооднос со тежината на лебот.

    Одлуките утре ќе бидат објавени во Службен весник, по што ќе стапат на сила.

    Производителите на леб се заканија дека ќе престанат со производството ако Владата ја замрзне цената. Министерот за економија Крешник Бектеши ги повика производителите да ги прифатат ваквите одлуки и да не се создава хистерија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира