Владата ги повлече предложените измени на Законот за јавни собири со цел да се обезбеди поширока консултација, соопштија од Владата.
„Владата смета дека има простор за разговори и за подобрување на содржината со цел овозможување слобода на изразување на став на јавни простори низ јасно утврдени регулативи и исклучиво во согласност со Уставот“, се вели во соопштението.
Според предложените, сега повлечени измени, граѓани со марами, маски, качулки, бои и други средства за прикривање на ликот, нема да може да протестираат. Ако не им се гледа ликот за да може да бидат идентификувани, ако веќе им дозволил редарот на протестот маскирани да присуствуваат, полицијата ќе може веднаш да го прекине протестот и да им каже на граѓаните да се разидат. Освен забраната за протестирање со прикриени ликови и редарите што ќе биде задолжително секој што во иднина ќе организира протест да ги назначи од своите редови, новина е тоа што протестите ќе може да одржуваат само од 06 до 23 часот.
Сите овие новини се содржани во Предлог-законот за јавните собири, во кој има битни измени на актуелниот, но и намалување и до 10 пати на паричните казни за физички лица, за негово прекршување.
Во очи најмногу паѓа забраната за протестирање во просторот околу државните институции (Парламент, влада, судови, министерства), бидејќи не се прецизира со членот 2 колку е тоа околу во метри, радиус или со некаков опис. „Околу“, по слободна проценка, дава право МВР да каже и дека околу Собранието не може да се протестира, до линијата на Радишани и Драчево, а зад таа линија може.
Оваа енигма е содржана во членот 2, кој во сегашниот Ззакон вели дека јавен собир заради мирно изразување на мислење или протест може да се одржува на секое место кое е соодветно за таа намена, освен до здравствени установи, ако го оневозможува пристапот на возила на Брза помош и го нарушува мирот на болните, до детски градинки и училишта додека децата престојуваат во нив и на автопатишта и магистрални патишта, на начин со кој се загрозува патниот сообраќај.
Со Предлог-законот овој член се менува и гласи:
„Јавен собир заради мирно изразување на мислење или протест може да се одржува на секое место кое е соодветно за таа намена, освен:
– до здравствени установи, на начин кој го оневозможува пристапот на возила на брза помош, го нарушува мирот на болните и непреченото работење на персоналот во здравствените установи;
– до детски градинки и училишта додека децата престојуваат во нив;
– на автопатишта, магистрални и регионални патишта, железнички пруги, на начин со кој се загрозува непреченото одвивање на сообраќајот;
– на други места од витално значење за непречено одвивање на сообраќајот (тунели, премини на пат преку железничка пруга, мостови, надвозници, подвозници, гранични премини, пристап до гранични премини и крстосници);
– во седиштата на органите на државната – во седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив, како и резиденцијалните и репрезентативните објекти и околниот простор што им припаѓа на органите на државната власт на Република Северна Македонија;
– во седиштата на странски дипломатско-конзуларни преставништва и нивни резиденции и
– во објекти и простори кои се од посебно значење и интерес за безбедноста на Република Северна Македонија.
Јавниот собир може да се одржува во временскиот период од 06,00 до 23,00 часот.“
Овој член, како што може да се види, забранува и протести на раскрсници, а Владата и Собранието се веднаш до двете најважни крстосници во Скопје.
Со Законот сега се ограничува протестирање на лица кои се под 50 на број. Досега беше дека право на протест имаат најмалку 20 лица. МВР предводено од министерот Оливер Спасовски толерираше со месеци протести пред Собранието и само со гајби и друга амбалажа, без луѓе.
С. К. ДЕЛЕВСКА